Премиерот Оливер Спасовски, заедно со владина делегација денескa беше во посета на тиквешкиот регион по повод празникот Свети Трифун, заштитникот на лозарите и винарите.

При посетата на Кавадарци, Спасовски присуствуваше на свечениот прием на градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев каде се сретна со претставници на дипломатскиот кор и локалната самоуправа, земјоделци, бизнисмени и општествени работници.

Притоа тој подвлече дека во изминатите две години, лозарите ги добиваат основните субвенции навреме и пред почетокот на новата производствена сезона.

„Пред неколку дена се исплатија близу 583 милиони денари на 15.784 лозари, за основната субвенција за одржување на лозови насади. Овие субвенции ги исплативме пред почетокот на новата реколта, за да можат лозарите да ги извршат сите потребни агротехнички мерки на лозовите насади “, нагласи премиерот.

Воедно Спасовски потсети дека Владата предводена од СДСМ ги надоместила долговите кон лозарите.

„Оваа Влада го исплати долгот што винарските визби ‘Повардарие’, ‘Стефани’ и другите, го имаа кон лозарите за предаденото грозје во 2014 и 2016 година. Вкупно по овој основ исплативме над 100,5 милиони денари и исправивме една голема неправда којашто им беше нанесена на нашите лозари“, истакна тој.

Спасовски информираше дека годинава продолжува поддршката за лозарството како извозно ориентирана гранка со над 20 проценти повисоки субвенции за лозарите со развоен капацитет, или 48.000 денари по хектар и 12.000 денари по хектар за промена на сортиментот.

По повод одбележувањето на празникот Св. Трифун, премиерот исто така присуствуваше на свечената манифестација на симболично закројување на лозови насади и разговараше со граѓани при посетата на штандовите во центарот на градот.

 

извор: Makfax

Најчитани вести