Во остра расправа за хуманитарната ситуација на надворешните граници на ЕУ во Европскиот парламент, европратениците на Зелените и на левичарските партии ја посочија Хрватска за нехумано однесување кон мигрантите на границата со БиХ, пишува српски „Курир“.

Тинеке Стрик од името на групацијата на Зелните во ЕП посочи дека на границите често не се почитуваат правилата на ЕУ и дека тоа, според сведиштвата, особено често се прави на хрватската граница.

Корнелија Ернст од Европската обединета левица/Нордиската зелена левица, рече дека хрватската полиција постапува насилно кон мигрантите.

„Европската гранична политика мора да биде заедничка политика и не може товарот да ѝ се стави само на една Хрватска. Се што се случува не ѝ дава право на хрватската гранична полиција да ги измачува и тепа мигрантите, да им се заканува со оружје, да им пушта кучиња, да им ги одзема парите, мобилните телефони и се што имаат вредно“, наведе таа.

Европарламентарецот од редовите на ХДЗ, Томислав Сокол истакна дека на хрватската граница лани биле уапсени 995 криумчари на луѓе и дека можеби таа практика му смета некому тука.

„Единствените кон кои хрватската полиција е немилосрдна се криумчарите и оние што сакаат да се забогатат на туѓата несреќа. Слушнав многу лаги, а тоа што ги повторувате по илјада пати нема да ги направи вистина,“ тврди тој.

 

извор: Makfax

Најчитани вести