Владата го повлече предлог-законот за Јавно обвинителство од Собранието. Собраниската седница за овој предлог-закон доцни повеќе од три часа на која пратениците требаше да ја утврдат потребата од негово донесување, а за кој, како што кажа координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јова Митрески е постигната доволно добра основа за поддршка од најмалку 80 пратеници. Седницата беше закажана за денеска во 17 часот, по консултациите изутрината на претседателот на Собранието Талат Џафери со пратеничките групи и требаше да следува откако во меѓувреме ќе заврши проверката на законот.

Претходно денеска ДУИ, но и опозициските Алијанса за Албанците и Беса соопштија дека нема да ја поддржат предлог верзијата на законот доставена до Собранието, бидејќи не била во согласност со договореното во Министерството за правда.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети денеска претходно изјави дека за нив е прифатлив само синоќешниот договорен текст на законот за јавното обвинителство, а секој друг текст не е прифатлив.

– Јас го знам законот што е усогласен синоќа, а не законот што е променет со различни волји на другите луѓе и немам идеја што е променето. Пред средбата бев информирам дека законот што го усогласивме вчера, не е во таа форма доставен во Собранието и не ги знам промените кои ги имаат направено, изјави денеска Ахмети, одговарајќи на новинарски прашања.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека остануваат на ставот против законот за јавно обвинителство и обвини дека власта со сила наметнува законски решенија кои се спротивни на Уставот, на европските вредности и на интересите на македонските граѓани. ВМРО-ДПМЕ, рече Мицкоски, е против амнестија.

На денешната седница, според договорот, требаше да се утврди потребата за донесување на овој закон. Потоа законот кој ќе се носи по скратена постапка и со европско знаменце треба да помина на матичната Комисија за европски прашање, по што Предлог законот треба да биде повторно ставен на дневен ред на Собранието и усвоен на пленарна пред неговото распуштање, заради одржување на предвремените парламентарни избори.

Најчитани вести