Загрепскиот весник Вечерњи лист, преку новинарите Роберто Солдо и Зденко Јуриј, во повеќе наврати објавуваа теми и разговори во врска со присуството на радикални исламски терористи или муџахедини во Босна. Како во времето на подготовките во 1990 година и војната во Босна од 1992 до 1995 година, така и понатаму, се до денешниот период.

Од друга страна, публицистот Еван Кулман, кој објавува анализи во САД и Европа, во својата анализа - Авганистанско-босанска муџахединска мрежа во Европа, исто така пишува за организиран влез на муџахедини во Босна, и тоа уште од 1990, дури две години пред војната во Босна!

Трет извор на информации се локалните: објавени мемоари на босанските, муслимански воени лидери споменати во минатите три продолженија од овој фељтон, како и документацијата на КОС.

Томо Ковач, кој дипломирал на Факултетот за безбедност во Скопје, бил главен инспектор на Државната безбедност на Босна и Херцеговина (УДБА). Во 1991година, една година пред босанската војна, Ковач е началник на полициската станица на сараевска Илиџа. Заменикот на босанскиот претседател Изетбеговиќ, санџаклијата Ејуп Ганиќ, за негов заменик го именува Насер Ориќ, тукушто пристигнат од Санџак во Сараево. Насер Ориќ, криминалец со дебело досие, бил член на обезбедувањето на српскиот претседател Слободан Милошевиќ! 

Токму тој, Насер Ориќ во босанската војна и потоа ќе биде прозиван и обвинуван за илјадници убиени босански Срби. За тие дела Насер Ориќ ќе биде цел на истрага и на Хашкиот трибунал.

Томо Ковач го има досието на Насер Ориќ во кое има низа случаи на насилства и тежок криминал. Не ја прифаќа неговата препорака од Ганиќ, и работата близу Милошевиќ. Буквално го исфрла надвор од канцеларијата на земеник-началник на полициската станица. Подоцна, Ковач во војната станува основач на едницата за специјални намени на Република Српска, Меѓу другото, Ковач со екипа француски експерти, три години по настанот ќе докаже дека поставувањето бомба на сараевскиот пазар Маркале било дело на исламските радикали и муџахедините, кои со тоа го свртеле вниманието на светските медиуми и создавале слика на насилства врз муслиманските цивили во Босна.

За организатор на оваа монтажа и терористички акт Ковач го наведува Бакир Алиспахиќ, негов поранешен колега од УДБА на Босна и Херцеговина, а потоа шеф на босанската тајна полиција. Во 1991 година, Томо Ковач успева да зароби камион во кој илегално, во Сараево, се внесувале снајпери и нитроглицерин за експлозиви. Зад таа испорака стоеле Арапските емирати, а внатре, во Сарево Бакир Алиспахиќ.

За влезот, организирањето и делата на муџахедините, освен Томо Ковач, по војната и други собирале сознанија и докази. Некои од нив, во таквите истраги, се убиени.

Имено, вториот човек на босанската тајна полиција, Неџад Угљен една година собирал податоци за американската ЦИА, но и разузнавачи на две европски служби, за дејствијата на муџахедините во Босна, контактите со Иран и формирање на муџахедински центар за обука од во Фојница. Но, на 28 септември 1996, додека излегувал од својот автомобил, некој му пука во грбот, а потоа откако паднал, му пукал во главата и го убил. Убиството предизвикало големо внимание на разузнавачките служби, а особено на Хашкиот трибунал, бидејќи токму Угљен бил офицерот за врска, и координатор на одделот за обезбедување на тајните сведоци меѓу Трибуналот и властите на Изетбеговиќ во Сараево.

Врските на Неџад Угљен со американската ЦИА биле јавни и непосредни. Тој, по иницијатива и со помош на ЦИА во јануари 1996, веднаш по дејтонската спогодба, заедно со Кемал Адемовиќ ја формира тајната полиција, Агенцијата за истражување и документација АИД - на Босна која цело време соработува со ЦИА на откривање дејствија и лица кои ги извршиле во време на војната. Освен оваа соработка, постојат сомневања дека тајната полиција, АИД, стои зад обидот за атентат врз кандидатот на претседателските избори во јуни 1996, Харис Силајџиќ.

Угљен е кадар кој долго пред босанската војна, работел прво во КОС, а потоа и во мостарската УДБА и соработува со Томо Ковач. 

Во босанската војна, Ковач ќе премине на српска страна. Угљен останува во Мостар и ја напушта полицијата занимавајќи се со илегална трговија со цигари, при што за кусо време станува богат човек. Но, во 1992 се враќа назад, и соработува со Алија Делимистафиќ, тогашен босански министер за внатрешни работи. Делимустафиќ во тоа време, крај 1991/почеток 1992 соработува со КОС, и генералот Алексанадар Васиљевиќ на спречување илегален влез на оружје во Босна и со тоа спречување на војна од широки размери.

Во тоа дејствување Делимустафиќ соработува и со Неџад УгљенИзетбеговиќ, а особено Ејуп Ганиќ заради ова го менуваат Делимустафиќ од функцијата и го присилуваат да ја напушти Босна. Угљен останува во подоцнежната тајна босанска полиција.

Но, по Дејтонската мировна спогодба, во прибирањето документација за потреби на Хашкиот трибунал и ЦИА, меѓу другото, Неџад Угљен во 1996 соработува и со поранешни офицери на КОС и УДБА, како Томо Ковач, и други. Тие врски со КОС и УДБА, подоцна, му се многу пати префрлани во сараевските медиуми, особено оние кои имаат изразито исламска, верска уредувачка политика.

Кој го убил Неџад Угљен, вториот човек на босанската тајна полиција АИМ? Соработник на ЦИА од така висок ранг, во дискретна акција, без траги и страв од одмазда, не може да убие секој. Според сознанијата на УДБА и на специјалниот истражен тим за убиството на Неџад Угљен во Сараево, убиството е извршено по налог на исламската тајна полиција од Иран. 

Мухамед Пур Салех, офицер на иранските специјални единици, стасал во Сараево неколку дена пред атентатот. Неговото доаѓање, и движење било регистрирано од страна на американските разузнавачи стационирани во Босна. Имал контакти со муџахедини кои, по воените дејствија, останале населувајќи се во Зеница и Сараево. По убиството, Иранецот веќе не е забележан ниту во Сараево, ниту било каде низ Босна.

ВЛЕЗ И АКЦИИ НА МУЏАХЕДИНИТЕ ВО БОСНА

Словенија и Хрватска уште од 1989 имаат изградени канали за илегален влез на оружје во Југославија. Токму хрватските, сигурни канали за шверц на оружје и терористи, ќе се користат и за потребите на Изетбеговиќ, и неговата партија, исламската СДА, во Босна.

Според публицистот Еван Ф. Колман, и податоците од неговата студија, муџахедините во Босна влегуваат далеку пред босанската војна. Тие доаѓаат во 1990, веднаш по изборите, и преземањето на власта во Босна од страна на Изетбеговиќ, и СДА. Доаѓаат отпрвин од Авганистан и Пакистан.

Тоа се воени ветерани и инструктори за најбрутални акции, кои со години војувале против единиците на Советскиот Сојуз, присутен во Авганистан повеќе од деценија. Кога Колман, авторот на студијата за Муџахедините, разговарал во Лондон со Шаик Абу Хамза ал Масри, еден од муџахединските лидери, од него добива информација дека муџахедините влегувале подготвени, и потоа го подготвувале локалното муслиманско население, за света исламска војна против останатите. Сите описи на концепт и акции се според исламската верска војна - џихад. Според Абу Абдел Азиз, цитиран во наведената студија, муџахедините влегувале во Босна за да се борат во света војна против христијаните, Србите и Хрватите, и создавање исламска држава во Европа.

Тоа и ќе се случи. Во Босна војувале најмалку 3.000 муџахедини, организирани во повеќе единици, каде во групи од по дваесетина биле едновремено и учесници, и инструктори. Овие припадници имале легални документи дека се припадници на Армијата на Босна. Централната воена единица, Ал Муџахедин, со централа во околината на Зеница, броела близу над 1.000 припадници, формациски поделена во три единици: Сараево, североисточна и југоисточна Босна.

Доаѓале од повеќе дестинации: од арапските аеродроми, од Германија, Франција... Абу Валид, во 1994 година, како медицинско лице, пристигнал со цела група муџахедини од Франција. Потоа, влегува во болницата во Зеница, и со група од дваесетина муџахедини ја презема.

Во цитирната студија, наведен е примерот кога на 13 јуни 1993 група од околу педесет муџахедини, дојдени преку Британија, пресретнала и накусо заробила британска воена патрола. Во истрагата за настанот, Британците собрале сознанија на низа масакри и насилства врз христијанските цивили на муџахедините во тој крај.

Во 1993 година, токму поради муџахедините, најголем дел од српските и хрватските војски во Босна соработуваат. Вечерњи лист на 18.7.2006, објавува исказ на Абу Џафир, локален босански муџахедин, кој вели дека му биле давани 9.000 долари за да го сруши крстот во Мостар!

Но, есента 1993 доаѓа наредба и од Загреб, и од Белград, Србите и Хрватите да ја запрат меѓусебната соработка против Муслиманите!

Најчитани вести