Малку работи го подобруваат расположението како светкавиот сјај на кристалите, тврдат љубителите на скапоценото стакло, а најубавите кристали на светот повеќе од 110 години ги произведува Сваровски. Даниел Сваровски со неговата необична визија и верба во своето знаење е нивниот темел. Компанијата и денеска е во рацете на семејството, а ја водат наследниците на Даниел меѓу нив неговата правнука Фиона Винтер Сваровски и нејзината братучетка Надја Сваровски. Фиона е заслужна за развојот на империјата на прадедо и, таа прво ги подобри односите со јавноста, а потоа и сама креирала некои од уникатните модни детали на кои се прелеваат кристалите по кои се прослави нејзиното семејство. Надја успеала да ги заслепи и дизајнерите како Александар Меквин и Џулиена МекДоналд со кристалите.

СЕНС ЗА БИЗНИС


Даниел Сваровски, човекот кој го создаде кристалното царство роден е 1862 година во Чешка, во крај кој бил центар за производство на кристално стакло. Како и сите жители на тој крај и татко му имал дома мала работилница за брусење на кристали со која го прехранувал семејството. Тука Даниел го научил занаетот, ги совладал тајните и уметноста на брусењето кристали.

Бил полн со ентузијазам, но бил свесен дека макотрпната работа на рачно брусење на кристалите набрзо ќе ја загрози општата индустријализација.

Увидел дека бавното рачно производство не успева да ги задоволи потребите на пазарот што незапирливо растеле, па експериментирал со можностите на механизација на работниот процес. Најпрво како 18-годишно момче му тргнало од рака да пронајде подобра метода на зацврстување на кристалите на бакарни делови, па заминал во Париз таму да го промовира неговиот изум. Патувањето го искористил за подобро да ги истражи можностите за употреба на неговите кристали, но и да ги проучи готовите производи украсени со нив.

Кога се вратил дома со уште поголем жар почнал да смислува нови методи за брусење. Но, пресврт во неговата кариера е моментот кога отишол во Виена каде се одржувала првата меѓународна изложба на електрика и сето тоа го фасционирало и сфатил дека електричната енергија ќе внесе револуционерни промени во индустријата, а Даниел решил меѓу првите да го искористи нејзиниот потенцијал.

Продолжил да му помага на татко му, но почнал и сопствено производство заедно со Едвард Вајс, не предвидувајќи дека подоцна ќе се ожени со неговата ќерка. Произведувале обоени бисери од стаклени стапчиња и накит од стаклени плочи. На време му станало јасно дека модата е променлива и подложна на големи промени и дека мора да се прилагодува ако сака да опстане.

На неколку наврати произведувал дури накит од метал. Даниел почнал да работи на неговата машина за производство на брусени кристали како онаа за брилијанти. Во тоа време цветало производството на лажни дијаманти, бидејќи накитот со тие камења бил во мода.

По неколкугодишно премислување, Даниел одлучил семејствата Сваровски и Вајс да се преселат во едно австриско село на 15 километри од Инзбрук, каде ја формирале нивната фабрика од која за помалку од еден месец на агентите во Париз им се испорачани 200 пакети со чатонин, типичен кристал на Сваровски со препознатливо брусење, а секој пакет содржал по 1.200 парчиња. На почетокот заштитен знак им било цвеќето рунолист. Бизнисот цветал, а фабриката вработувала повеќе од 100 лица.

ЛЕБЕДОТ ЗАШТИТЕН ЗНАК


Иако не можел да побегне од конкуренцијата Даниел, сепак, не бил незадоволен. Му помагале и синовите Вилхем, Федерик и Алфред, кои успеале за три години во нивната лабораторија да произведат кристал со целосна чистота. Само неколку пати во своето долгогодишно и успешно работење, компанијата се нашла пред сериозни деловни тешкотии, но никогаш не поради нивна вина, туку поради некои надворешни фактори. Првиот пат се случило за време на Првата светска војна, кога Даниел бил присилен на компромис и за да не ја загрози стабилноста на фирмата и дозволил 600-те вработени да му отидат на фронт, се согласил да произведува работи за потребите на војската.

И тогаш сфатил дека занимавањето со само еден вид на дејност може сериозно да ја загрози, па дури и уништи компанијата, па затоа тој решил да ја прошири дејноста. Дваесеттите години на минатиот век биле време кога компанијата имала најголем процут. Коко Шанел редовно ги користела нивните камења. Даниел по ред ги освојувал модните куќи. Но, Втората светска војна повторно му наложила други обврски и тоа повторно да работи за потребите на војската. Но, му било дозволено во мали количини да ги произведува и кристалите што го прославија и тогаш ги пласирал во Америка. Но, по Втората светска војна Сваровски станала најпрофитабилна австриска компанија.

Даниел Сваровски, кој умрел во 1956 година како задоволен, богат, спокоен 90-годишен старец, во рацете на неговите потомци оставил одличен и профитабилен бизнис. Но, по неговата смрт семејството било подготвено на новите удари од модниот свет. Но, потомците на Даниел смислиле нови бизнис планови, го развиле производството на делови за кристални лустери, почнале со изработка на кристални фигури што се и ден-денес многу популарни. Она што почна како експеримент се претворило во голема работа, па 11 години по смртта на основачот, формирано е здружение на вљубениците во кристалите Сваровски кое денеска брои 12.000 приврзаници и колекционери.

Потомците на Сваровски во 1988 година повторно се поврзале со нивната најголема и најризична љубов модата, купувајќи старо париско ателје каде особено добри клиенти им биле Ив Сен Лорен, Шанел, Лакроа и Диор, Џанфранко Фере и други. Така си овозможиле и директно производство на висока мода и сопствена линија на модни додатоци со име Даниел Сваровски, како и истоимен бутик кој продава раскошни, елеганти и скапи детали. Ако секоја птица лета во своето јато, тогаш лебедот, заштитниот знак на куќата Сваровски тука е во своето јато.

Најчитани вести