Пред распуштање на собранието, во среда, се прават последни обиди за купување гласови и не се прашува за цената. А сето тоа се плаќа, нормално, од државни пари.

СДСМ на минатите парламентарни, како и локални избори, доби 50-70.000 албански гласови пред се соработувајќи со подземјето и локалните оџи во селата каде мнозинство се македонските Албанци. Сега, пред овие избори, видно е толерирање на подземјето меѓу македонските Албанци од страна на СДСМ како и не случајното бегство од затворот во Штип на Агим Краниќи, човек осуден за изборно насилство со смртни последици во Арачиново, но и во Сарај и Кондово. Тоа е влогот во изборите за таа целна група и логистика на СДСМ меѓу македонското албанско гласачко тело.

Поткупот на оџите од селата со мнозинско албанско население ќе оди со донесување закон за укинување на кладилниците во населени места, мантра за која се залагаат оџите во Албанија и Косово а, сега, и во Македонија. Во Албанија и Косово оџите успејаа да издејствуваат укинување на кладилници и сега таа забава продолжува да тече и таму, но на црно, со учество на подземјето наместо под надзор и даночење од државата.

Овој закон за, практично, укинување на кладилниците СДСМ го држи активен повеќе од две години но, инстистира да се донесе како итен, најважен, сега пред изборите за да се задоволат барањата на оџите и да се добие нивна поддршка пред избори. Според сознанија на порталот Вечер неодамна Заев имал и средба со нивни посредник каде е потврдено дека СДСМ и ДУИ ќе го донесат овој закон по барање на оџите, а за возврат да добијат од нив логистика за изборите.

Тие ќе купат гласови преку оџите и албанското подземје во Македонија, а која цена ќе ја платиме ние, и државата Македонија за таа нивна изборна трговија?

Прво, за да нема дилема, скоро и да не постои држава во Европа која нема кладилници. Тоа е долга пракса на европска забава за народ. Кладилници, по иницијатива на оџите, нема само во Албанија и Косово, а сега тие бараат и Македонија да се придружи на тие албанско-косовски верски принципи. Иако нема кладилници, граѓаните на Албанија и Косово по забраната тоа го прават на црно, нелегално. Се отвара формална кладилница во Македонија, и преку неа на црно играат Албанците и Косоварите а државата нема ниту контрола, ниту може да земе данок. Како што кај нас, во Македонија, нема онлајн кладење преку интернет но, затоа, бугарската Бет365 дава можност за интернет кладење и парите од Македонија завршуваат во Бугарија.

Ако се затворат кладилниците оџите, СДСМ и ДПА добиваат гласови за избори, а Македонија губи само од даноци и придонеси 230 милиони евра годишно. Од тие пари се финансираат социјалани проекети за сиромашните групи преку Министерство за социјала и труд како ис портски активности. Без тие 230 милиони евра од кладилниците Македонија нема алтернатива, нема други пари за помош на сиромашните и спортот и тие се првите кои ќе ја платат цената на дилот помеќу оџите, СДСМ и ДУИ.

Вторите се 7.000 вработени кои ќе добијат откази од кладилниците, претежно млади луѓе кои имаат просечна плата од околу 25-30.000 денари. Дали државата има алетрнатива, проект како ќе го реши овој силен удар врз вработеноста на младите ако се откаже од кладилниците и од 230 милиони евра што од нив ги добива од даноци и придонеси.

Законот бара кладилниците да се иселат од градовите, а ако се иселат тоаш – се затвараат. Да се зададе стандард дека кладилница треба да биде повеќе од километар-два од училишта е наредба да ги нема во градовите. Ако се работи за етика, тогаш треба императивно по истата логика да се забрани и продажба на алкохол и цигари на најмалку километар-два од училишта. Најголем порок и здравствена опасност за младите се алкохолот и цигарите а не кладилниците во кои ученици практично скоро и да нема, туку се посетени доминантно од возразни па и луѓе во постара возраст на кои кладилниците им се единствено маалско место за собирање и евтина забава.

И – на крај, како посебен дел, овде во овој предлог закон за кладилниците има и корупција, што е редовна пракса кога СДСМ одлучува за пари!

Имено, државата Македонија и австриската фирма Австрија казино имаат заедничка компанија Државна видео лотарија која изнајмува видео лотариски терминали на приватните кладилници. Во моментов тие имаат околу 3.000 терминали за игри на среќа кои ги користат приватните кладилници и добиваат само процент од нето добивката на автоматите. Лани, според сознанија на порталот Вечер, заедничката фирма Државна видео лотарија имала добивка од околу 20 милиони евра, од кои повеќе од 10 милиони евра се добивка на државата која во фирмата е сопственик со 51%.

Со одлука на владата која, практично, се откажува од добивката заради реинвестирање, дозволено и е на Државна видео лотарија да плати 14 милиони евра за набавка на нови околу 2.000 терминали за игри на среќа кои треба да ги изнајми на приватните кладилници.

Е сега, ако со законот практично се затвораат приватните кладилници на кого Државна видео лотарија ќе ги изнајмува и старите и новите 2.000 терминали за кои државата дава дополнителни 14 милиони евра?!

Ова е експлицитен пример како државни пари се фрлаат во вода, и тоа големи пари во износ од 14 милиони евра, за со најавениот закон да се добие логистика за избори од оџите кои бараат практично затворање на кладилниците. Кладењето, како забава, ќе продолжи но, во зона на црната економија, како што се случи во Албанија и Косово. Каде има интерес за таа игра, и каде има пари, секогаш ќе постои начин за кладење и играње само, ќе биде без даночење.

Најавениот закон ја осиромушува државата за 230 милиони евра приходи од даноци и придонеси кои ги добива сега од кладилниците кои, патем, даваат и 3% од заработката за култура и филм. Потрошените 14 милиони евра за Државна видео лотарија ќе изгорат, а 7.000 млади луѓе добиваат отказ. Вреди ли ваков ризик за гласовите од оџите?       

Најчитани вести