Увозот на производи од Северна Македонија во Косово во минатата година е зголемен за околу 40 отсто, откако Приштина во ноември 2018 воведе такса од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, пишува во денешното издание „Коха диторе“.

Според весникот, во текот на 2019 година од соседната држава во Косово се увезени стоки во вредност од 239,3 милиони евра, додека една година порано таа вредност била за над 63 милиони евра помалку, односно изнесувала 172, 2 милиони евра, јавува МИА од Приштина.

Според официјалните податоци на косовската Царина, Македонија стекнала корист од таксата на српскиот увоз и на крајот од 2018 година, со оглед дека една година порано, во 2017, македонскиот извоз бил во вредност од 156,5 милиони евра, односно за околу 10 отсто помалку отколку во годината кога се воведе таксата.

Освен Македонија, корист од одлуката на Владата на Рамуш Харадинај за санкции на увозот од Србија и БиХ, имала и Албанија. Податоците на косовската Царина покажуваат дела од таа држава во 2019 година се увезени стоки во вредност од 222,5 милиони евра, што е за околу осум отсто повеќе одошто во 2018 година, кога вредноста на увозот од Албанија изнесувал 206,5 милиони евра.

Од друга страна, на годишнината од воведувањето на таксата, на крајот од ноември 2019, српскиот министер за трговија, туризам и телекомуникации Расим Љајиќ објави дека загубите на српската економија поради таксата од 100 отсто во изминатите година дена изнесувале околу 400 милиони евра, односно дека во тој период вкупниот српски извоз изнесувал помалку од 50 милиони, додека една година порано тој достигнал вредност од над 440 милиони евра.

Најчитани вести