Аферата ТАТ - најголема пирамидална финансиска измама во историјата на Македонија, во која биле оштетени околу 13.000 граѓани за иснос од над 60 милиони евра. Иако постојат основани сомневања, истакнати и од тогашниот премиер на Македонија Бранко Црвенковски дека позади аферата стојат лица од тогашната власт, виновниците за аферата досега не се пронајдени и казнети, освен директорката и сопственичка на штедилницата ТАТ Соња Николовска, која била осудена на затвор во траење од 3,5 години, и тоа само за даночно затајување.

Аферата оставила длабоки траги во економијата на Македонија, особено во регионот на Битола кајшто било седиштето на ТАТ. Штедачите на ТАТ останале без своите заштеди од големи 60 милиони евра. Се смета дека над 100 самоубиства на поранешни штедачи на ТАТ се директна последица на аферата, а покрај тоа и наталитетот во Битола во годините по ТАТ опаднал. Граѓаните ја загубиле довербата во банкарскиот систем и ги повлекле своите заштеди од банките, што ја нарушило стабилноста на банкарскиот систем на Македонија, и ја зголемило цената на кредитите на подолг рок.

Она што најмногу зачудуваше за оваа штедилница беа невообичаено високите камати на штедните влогови - во висина од 30 отсто годишно, што и за лаиците значеше дека нешто не е во ред но не и за Народната банка и Министерството за финансии на премиерот Бранко Црвенковски.

Целото клопче почна да одмотува дури пет години од почетокот на работење на штедилницата, во 1997 година, кога инспектори од Народна банка и од Министерството за внатрешни работи, упаднале во седиштетот на штедилницата и започнале да ги проверуваат сите документи. Медиумите во тоа време пишуваа дека претходната ноќ некој висок владин функционер - “министер во тренерки“ со црни вреќи изнесувал пари од ТАТ.

Според медиумите политичари од врвот на власта на СДСМ кои го покривале работењето на ТАТ и организирале извлекување на парите се спомнуваа тогаш првите соработници на премиерот Бранко Црвенковски - министрите Јане Миљовски, и Димитар Бузлевски, како и нам познатите министрите на СДСМ Јорго Шундовски, Емилија Симовска и Таки Фити, бизнисменот Сиљан Мицевски. Во истарагата потоа никој од нив, ниту еден функционер на владата, не беше спомнат а парите ги снема.

Штедачите се собирале пред експозитурите на ТАТ за да си ги подигнат вложените пари, но тие по овој упад на властите и исчезнување на парите од касата на штедилницата останале засекогаш затворени. Полицијата наводно изнела неколку вреќи со документи од штедилницата, кои не биле потпишани, со што се нарушила понатамошната истрага.

Против Соња Николовска беше поднесена и кривична пријава за измама на 12.700 штедачи преку организирано пирамидално штедење, но не се случила судска разрешница. А постапка се водела и против тогашниот вицегувернер Томе Неновски за злоупотреба на службената положба и овластувања, но и тука немаше донесено пресуда.

Уште од самиот почеток на аферата, постоеле сомневања за организиран криминал кој допирал до највисоките нивоа на власта. Тие сомневања ги потврдил и премиерот Бранко Црвенковски, кој во својот говор пред Собранието рекол дека објавува војна против „октоподот“ (алудирајќи на организиран криминал) и дека сторителите ќе бидат откриени и осудени.

Подоцна и други високи државни функционери го изјавиле истото, на пример, Томе Неновски, тогашниот вицегувернер на Народната банка изјавил дека „ТАТ е државен организиран криминал“ и дека „На 11 март 1997 година комисија во состав од 4 члена од МВР ги отворила кесите и тоа без присуство на лица од штедилницата. Притоа документите од штедилницата биле извадени, разгледувани, проучувани, селектирани и дел од нив бил земен, исчезнал. За сето тоа комисијата не направила записник, а со тоа ниту опис и попис на документацијата и така ја уништиле истрагата“.

 

Обвиненија за измама, проневера и даночно затајување биле подигнати само против директорката на ТАТ Соња Николовска, од кои само она за даночно затајување завршило со пресуда и казна затвор од 3,5 години. Покрај тоа, била обвинета и за измама на 12.700 илјади штедачи преку организирање на пирамидална измама, но ова обвинение не резултирало со казнена пресуда.

 

Судска постапка се водела и против вицегувернерот на Народната банка Томе Неновски за злоупотреба на службената положба и уништување на документи, но таа не резултирала со никаква пресуда или казна. Според наводите во обвинението, Неновски не ги исполнувал задачите така што не дал наредба за целосно контроли на работењето на штедилницата ТАТ од Битола. Неновски знаел дека во штедилницата бројот на штедачите бил поголем од евидентираниот и дека имало неевидентирани договори и кредити.

Тој во отсуство на Гувернерот, потпишал документи и давал инструкции како да се менува званичната eвиденција во Штедилницата. На тој начин ги прикривал своите наводни штедни влогови и се стекнал со противправна имотна корист од 1.776.000 денари. Неновски според обвинението склучил фиктивни договори за орочување на денарски и наменски средства, а во 1997 дал усни налози на сопственичката на ТАТ, Соња Николовска да исплати пари на Алмако банка, за отплата на кредит за два стана на улицата Железничка во Скопје. Истата година кога штедилницата била под засилен надзор на Народната банка, Неновски испратил писмо до Соња Николовска со инструкции за тоа што треба официјално да објави за неговите штедни влогови.

Сомневањата за организиран криминал се поврзуваат и со тогашниот претседател на Основниот суд во Битола, Александар Прчевски, кој наводно ја спречил истрагата, а за возврат подоцна како награда од власта на СДСМ бил избран за државен Јавен обвинител. Се претпоставува дека во аферата биле вклучени десетици функционери, министри, судии, полицајци, владици.

Многу подоцна, во 2014-та година, адвокатот Панчевски поднесе кривични пријави против петмина судии, адвокат, извршител и стечајниот управник на ТАТ. Тој изјави: Се работи за организиран криминал со злоупотреба на службената положба и овластувања и несовесно работење во службата преку наплата на кредитни задолжувања преку веќе одамна нерегистрираната фирма Штедилница и менувачница ТАТ во Битола.

Имотот на ТАТ, парите од нивната сметка и кешот од касите кој е изнесен од врвот на тогашната власт - никогаш не се најдени. Стечајната постапка потоа не резултирала со обесштетување на штедачите туку со финално разграбување на имотот во фаза на самиот стечај.

Дваесет и две години потоа, во 2019-та иста партија, иста власт - и случај Рекет. Новата Соња Николовска е Боки 13, а ги нема политичарите од врвот на власта, исто како и во случајот ТАТ во 1997 година.

Најчитани вести