Хм, северномакедонска кујна… Колку бљак звучи тоа! Оти, нели, го забетониравте идентитетот. А тој идентитет, иако не се јаде, ние сега, преку северномакедонскава кујна ќе го сториме и тоа. Ќе го изедеме. За потоа, како што доликува за материјалисти, кои ја заборавиле духовноста, да се олесниме и преку голема нужда, да се ослободиме од идентитетот. Ама, па, и онака не се вареше, нели?

Кажи ми што јадеш и ќе ти кажам што си.
Северномакедонска кујна.
А-ха, океј, ти си идиот.

Како ли се спрема таа северномакедонска кујна? Босански лонец знам како се спрема. Ставаш Србин, Хрват и Бошњак во лонец, додаваш меѓународна сол и овие сами ќе се исечкаат, издинстаат и изедат меѓу себе. Така барем беше. Ама северномакедонскава кујна е мистерија. Јас и пред да ја вкусам добивам грчеви во стомакот. Одвратен ми е начинот на приготвување. И состојките што се користат за нејзино создавање.

Ситно исечкан идентитет по грчки готвач. Го пржиш до непрепознавање. Земаш македонски јазик, па го мелеш на бугарски начин и потоа му додаваш албанска запршка и сето тоа го готвиш на тивок оган. Чекаш идентитетот и јазикот добро да се испечат. Потоа зовриваш вода во тенџере. Во неа фрлаш парчиња македонска историја. Посолуваш со грчка и со бугарска сол. Таа сол ја одзема суштината, дава сосема поинаков вкус, различен од вистинскиот. Откако ќе се свари, зготвеното го мешаш доволно долго. Додека не изгуби форма и суштина. Потоа им го сервираш на дегустатори.

Во случај дегустаторите да се мрштат и да одбиваат, им спроведуваш балкански кулинарски методи. Методи познати како „има на сила да го изедеш“. И така, северномакедонската кујна, му доаѓа како ГМО-кујна. Земаш свежо и оригинално, па го пукаш со генетски модифицирани срања. Додека не исчезнат идентитетот и суштината на оригиналот. Се сервира и се јаде присилно. Ако повратиш, ќе мора одново да голташ. Звучи одвратно, знам. Ама па и нема поодвратно од северномакедонска кујна. Тоа е нејзината суштина.
Во на мајка ви, кујната…
Русјаков, не пцуј!

Не пцујам, праќам македонски кулинарски поздрав.
Веќе неколку години не гледам македонски телевизии. Освен кога даваат, битен за мене, спорт. А тоа речиси и да го нема веќе. Ама случајно го фатив Латас на телевизија Алфа. Кажа што имаше да каже. Мене ме заинтересира делот околу името. Не оној дел за Груевски и Хилари Клинтон. Иако можам да замислам како изгледало тоа. Како Клинтонка вреска и пцуе. А меѓу две пцости се заканува. Или Северна Македонија или војна со Албанците. Тоа, веројатно, им бил првичниот план. „Длабоката држава“ и Хилари Клинтон како дел од нејзиниот лидершип, речиси и да не знаат за друго, освен за војни. Го видовме тоа во Либија и во Сирија. Сигурно тргнале да ја организираат војната, откако Груевски одбил. Ама на терен нештата не им оделе по план. Уште во 2001 година видоа дека Албанците во Македонија не сакаат масовно да се колат со своите македонски сограѓани. Истото важи и за Македонците. Иако тогаш „длабоката држава“ сакаше да спроведе босанско сценарио. Не им успеа. Претпоставувам Клинтонка мислела на косовските Албанци. Ама и на Косово не им одело собирање 500.000 Албанци за војна. Оти на Косово веќе и нема 500.000 Албанци.

Избегаа луѓето. Оти не видоа многу арно од независноста. Арно видоа разни медлинолбрајтовци, џорџробертсоновци и хавиерсолановци, кои ги приграбија сите природни ресурси на Косово за себе. На граѓаните им останаа само мафијата, хероинот и кампови за терористи. Затоа и преминале на планот Б. Политички инженеринг. Рушење на Груевски. Потрага по војникот Квислинг. Шарена револуција. Друготи ви е познато.
Да преминам на она кажано од Латас што ми привлече внимание. Околу името. Ќе парафразирам накратко. Тој верува дека името може да се врати. Ама треба време. Како што на Грците и на Бугарите им требаше време да стигнат до своите договори, кои нас идентитетски нè ликвидираа. Во меѓувреме ние Македонците треба да се обединиме околу идеалот, враќање на името. Како што нашите соседи се обединети околу своите идеали.

Јас имам две поинакви согледувања. Малку контрадикторни. Ама па кај нас контрадикторното е нормално. Како прво, не мислам дека е потребно време да се врати името. Но, за тоа треба да живееме во нормален свет. Што е тешко замисливо. Еве, што ми е поентата!

Името може да го врати судот. Уставниот суд. Затоа што промената на името од почетокот до крајот е противуставно, нелегитимно и криминално. Меѓународни договори потпишува претседателот. Кај нас тоа не се случи. Плус потпишуваа три страни. Самиот договор е совршено противуставен. Едната страна, то ест ние сме ставени во понижувачка позиција. Договорот нема реципроцитет. Ама и гаѓаните го отфрлија на референдум.

Тоа е најважното, суштината. Тука требаше да заврши приказната. Ама не заврши. Она што следуваше спаѓа во сферата на злосторничко здружување. Власта го спроведе тоа злосторство. Со амин на Европската Унија. Се сеќавате, преку барањето на Јоханес Хан да се спроведат балкански методи при гласање во Собранието. И се спроведоа. Уцени, закани, поткупи. Оттука, Уставниот суд може веднаш да го поништи овој криминален и геноциден акт. А ОЈО да спроведе истрага. Ама кај нас Уставниот суд е задолжен за климатските промени. Со ОЈО, пак, владее политичката елита. А со нив, светската изопачена моќ.

Втората теза на Латас, за обединувањето околу идеал, мене ми изгледа уште поневозможна отколку правната разврска. Научна фантастика. Македонците не можат да се обединат околу ништо, а камоли околу идеал. Не верувам дека такво нешто ќе може да се случи кај наредните две-три генерации. Кај нас поделбите само се продлабочуваат. Стигнавме и дотаму да се делиме на помали и поголеми Македонци. Тоа е нашето проклетство. Секој се смета себеси за најпаметен. Сличните меѓу себе се групираат, па ги мразат и сатанизираат преостанатите.

По извесно време и тие ќе се закрват. Ова е посебно видливо од Втората светска војна наваму. По војната се изродија едно чудо херои. Тие херои ги истребија вистинските херои. Седумдесет и пет години подоцна, таа поделеност е пред своја кулминација. Спремни сме да се исколеме околу сè. Секој за секого мисли дека е предавник. Секој за секого мисли дека е непријател. Па, така, лесни сме за сечкање, динстање и печење во северномакедонската кујна. Сами го спроведуваме тоа.

 

Најчитани вести