Министерот за земјоделство, заедно со директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, одржа работен состанок со претставници од Стопанската комора на Македонија, откупните претпријатија на тутун и Сојузот на здруженија на тутунарите. На состанокот се разгледаа информациите за моментната состојба со откупот на тутун од реколтата 2019.

Државниот инспекторат за земјоделство е постојано на терен, а некои од откупните пунктови, кои привремено беа затворени, сега се повторно отворени. Од страна на претставниците на откупните претпријатија на тутун беше потенцирано дека целокупното договорено количество тутун ќе биде откупено и порачаа да не се создава непотребна паника кај тутунопроизводителите. Откупувачите на тутун гарантираа дека процената на класите ќе се врши реално.

Дополнително, Државниот инспекторат за земјоделство најави зајакнати контроли на терен, контроли во делот на посочените случаи за затворени пунктови и во однос на почитување на законските обврски за откупен и исплатен тутун во согласност со договорите. На состанокот беше посочено дека не се очекува да има вишок тутун.
Досега се откупени над 22,4 милиона килограми тутун во вредност од речиси 5 милијарди денари или повеќе од 85 отсто од договореното количество е веќе откупено. Се очекува откупот да заврши до крајот на следниот месец.

Од страна на откупните претпријатија исплатени се речиси 4,7 милијарди денари. Просечната откупна цена е 221,9 денар за килограм, што е највисока опткупна цена во последните шест години. Од реколтата 2019 вкупно се засадени 13.342 хектара тутун и склучени се 32.798 договори со девет компании. Вкупното производство на тутун од реколтата 2019 изнесува над 26.700 тони тутун, што е 6 отсто повеќе од реколтата 2018. Планираната количина за откуп е 26.729 тони. Издадени се 20.933 евидентни листови.

Со цел стимулирање на квалитетот, со новиот модел за зголемени субвенции што го воведе Владата на Република Северна Македонија субвенциите за прва класа тутун се 80 денари за килограм, 70 денари за втора класа и 60 денари за трета класа и дополнителните класи.

извор: Makfax

Најчитани вести