Синдикатот на Клинички центар категорично се спротивставува на покренатата иницијатива за формирање на Синдикат на УКИМ, Скопје, затоа што потекнува од Министерот за образование, а се спроведува преку останатите работодавачи,  што претставува директно мешање на власта во синдикалното организирање, велат од Синдикатот.

Од таму го повикуваат членството да не пристапува кон овој синдикат кој, како што се наведува во соопштението, се формира директно по налог од работодавачот.

„На оние кои веќе потпишале им укажуваме дека постапката за основање и дејствување на овој синдикат е спротивна на Законот. На оние, кои во име на единицата доставуваат пристапници за овој синдикат кој се формира директно по налог од работодавачот, им укажуваме дека прават или направиле постапки спротивни на Законот“, се наведува во соопштението.

„Во електронскиот допис со работен наслов ‘Основање синдикат на УКИМ’ генералниот секретар на УКИМ во прилог доставува документација поврзана со иницијативата, односно барањата на Министерството за образование и наука на РСМ согласно темата на дописот, при што одредува рокови и замолува за придржување до нив. Во воведот на документот во прилог на дописот насловен ‘Основање на синдикат на вработените во УКИМ’ се укажува дека на состанокот од страна на министерот за образование и наука со ректорите и генералните секретари на јавните универзитети во РСМ на присутните им било кажано дека поради планираното зголемување на платите на вработените на јавните универзитети во висина од 10% почнувајќи со платата за јануари 2020 година потребно е да се склучи колективен договор и да се формира Синдикат на вработените на УКИМ. Во понатамошниот дел на документот се укажува на единицата (факултет или научен институт) да ‘пушти пристапници за членство до сите вработени на единиците (наставен и ненаставен кадар)’, а ‘копии од пристапниците да се достават до генералниот секрета’“, појаснуваат од Синдикатот.

Во соопштението се наведува дека иницијативата, содржината и препораките изразени во дописот и документот се директно спротиставени на конвенцијата бр.87 на Меѓународната организација на трудот за слобода на здружување и заштита на правото на организирање, 1948, која Република Македонија ја има ратификувано 17.11.1991 година, на членот 37 од Уставот, а особено на
членот 195 од Законот за работните односи во кој јасно се укажува дека работодавачите и нивните здруженија не смеат да имаат надзор над основањето и дејствувањето на синдикатите.

„За неверување е препораката на генералниот секретар на УКИМ да од него утврдената членарина од 50 денари месечно се уплаќа на приватна сметка на идниот претседател, со тоа што тој ќе потпише изјава дека ќе ги префрли на сметката на синдикатот кога истата ќе биде отворена. Истовремено, крајно понижувачка е намената и целта за формирање на овој синдикат, сведена само на покачување на платите на вработените од 10%“, велат од Синдикатот.

Од таму велат дека постапувајќи по дописот на генералниот секретар на УКИМ и документот во прилог, во претходните денови вршена била агитација во одредени универзитетски клиники и институти, Стоматолошкиот клинички центар „Свети Пантелејмон“ Скопје, а особено на Медицинскиот факултет, УКИМ, Скопје за зачленување на членови на Синдикатот на Клинички центар од наставно-научниот кадар во овој синдикат во формирање.

„Скоро сите вработени од наставно-научниот кадар и докторите специјалисти на Медицинскиот факултет, УКИМ, Скопје се членови на Синдикатот на Клинички центар, а во сите универзитетски клиники и институти нашиот синдикат е репрезентативен на ниво на работодавач. Не сакаме да веруваме дека покачувањето од 20%, а не 25% во јавното здравство за наставно-научниот кадар може да биде дел од некоја поголема игра. Синдикатот на Клинички центар има искуство со синдикат формиран и организиран од работодавач или т.н. синдикат по нарачка, а во нашиот случај како контрасиндикат. Нејасно е како во изминатиот период владеачките партии не го разбраа по нив негативниот ефект од ваквите синдикати по нарачка“, велат од Синдикатот на Клинички центар.

извор: Makfax

Најчитани вести