Работите за обезбедување двотретинско мнозинство за носење на законот за јавно обвинителство добро се движат. Имам надеж, но немаме многу време, бидејќи тоа е еден од законите кои треба да го донесеме заради реформите и граѓаните и трансформацијата која треба да следи во наредниот период – порача денеска лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Носењето на законот за јавно обвинителство, кој е еден од законите што остана во делот на реформите во правосудството, како што рече, е обврска која треба да се заврши заради граѓаните, но би била и одлична алатка плус како аргумент пред земјите од Европската Унија при нивното одлучување.

Треба да направиме структурен и суштински европски закон за јавно обвинителство. Ред е големите политички партии да најдат решение за вака сериозно прашање посебно кога СЈО е веќе завршена работа, односно предметите се обезбедени и ќе се имплементираат во судот. Очекувам од ВМРО-ДПМНЕ да добиеме пишан предлог денеска или утре за да може после да се помине на работни групи – рече Заев во одговор на новинарско прашање на денешната средба со Сојузот на стопанските комори на Македонија.

Тој нагласи дека разговара и со други пратеници.

Треба сериозно да се помине низ материјата на законот и да има доунапредување во форма на квалитетен материјал за на крајот да може да се обезбеди двотретинско мнозинство – посочи Заев.

Најчитани вести