Владата денешната редовна 4. седница ќе ја одржи во Штип како четврта од серијата седници што се одржуваат во 10 региони во земјата.

Централна точка на дневниот ред на оваа седница е информацијата за состојбите и извршените посети во општините Штип, Пробиштип, Свети Николе, Радовиш, Конче, Чешиново – Облешево, Карбинци и Лозово.

Во рамките на оваа точка градоначалниците на овие општини ќе презентираат информации од интерес на граѓаните и ќе информираат за одредени прашања и проекти од плановите за работа на локалните заедници од прва рака, и согласно тоа, на седницата ќе се дадат насоки за политики и одлуки за проекти кои можат да се реализираат во соработка меѓу локалната и централната власт.

На денешната седница на Владата во Штип ќе се разгледа и ќе се донесе одлука по Предлог – програмата за работа на Владата на Република Северна Македонија во 2020 година.

Во агендата на седницата е и информацијата за отпочнување со реализација на проектот изградба на насипна брана со придружни објекти „Отиња“ во Општина Штип.

На предлог на Министерството за одбрана на оваа седница ќе се одлучува по Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за заштита и спасување, како и по Предлог – законот за ратификација на амандманот кон Монтреалскиот протокол за супстанциите што ја осиромашуваат озонската обвивка, што за седницата го подготви Министерство за надворешни работи.

Владата денеска ќе ја разгледа и информацијата за потребата од започнување на активностите за склучување на меѓународен договор меѓу Република Северна Македонија со Агенцијата за комуникации и информации на НАТО (NATO Communication and Information Agency – NCIA), како и информацијата за пристапување на Република Северна Македонија кон Делумната спогодба за Младинската картичка со цел промовирање и олеснување на мобилноста на младите во Европа.

Седницата со која ќе претседава премиерот Оливер Спасовски, се очекува да започне во 17:30 часот и ќе се одржи во зградата на Општина Штип.

извор: Makfax

Најчитани вести