Едни од најатрактивните имиња на електронската сцена во Македонија кои се појавиле последниве неколку години, дефинитивно се момците од Cyrillic, Андреј и Бојан. Од ден на ден нивната публика во нашата земја, но и надвор од неа е сè повеќе бројна, а тоа го мотивира ова електронско дуо да создава и во иднина нова и квалитетна музика.

По тој повод, „Севда“ е нивното најново остварување, а инспирација за истата е од македонската народна песна „Твојте очи Лено мори“, но спакувана во модерен дип-хаус аранжман со етно примеси. За овој сингл момците од Cyrillic соработуваа со пејачката Наташа Малинкова, која маестрално ги испеа вокалите.

За новиот сингл има и видеоспот во режија на Зоран Зонде Стојановски. Истиот се снимаше на неколку локации во Македонија, а моделот кој ја има главната улога во спотот е преубавата Марија Давчевска.

- Севда е страст, Севда е љубов. Севда е фузија на два тотално различни музички света, кои што тука перфектно се споија. Многу ни е мило што направивме еден ваков проект, каде што ставаме наш печат како Cyrillic, на една од нашите омилени Македонски етно песни. Се надеваме дека ќе им се допадне на нашите фанови и пошироката јавност ѝ ќе придонесе на помладите генерации да им стане блиска нашата македонска музика, вели Андреј.

Според Бојан, пак, Севда е комбинација на етно елементи со карактеристични Cyrillic звуци и мистичен вокал испреплетени за еден одличен радиски и клубски сингл.

- Интересна е реакцијата на публиката на нашите настапи кога за прв пат ја слушаат, обично се позитивно изненадени поради тоа што не очекуваат такава комбинација, вели Бојан.

Инаку од неодамна Cyrillic станаа ексклузивци на „Sky Eye Entertainment“, всушност ова е втор издаден сингл под оваа издавачка куќа.

Најчитани вести