Ќе ве замолам, ако може да не падавичарите! И да не се вознемирувате толку. Каков антисемитизам, каков нацизам? Пролупани комуњари тресат зелени, тоа е вистинската дијагноза. Плус, половина од оние што им лајкаат фејсбук-статуси, сигурно мислат дека Давидова ѕвезда е талент-шоу. Нешто како „Ѕвезде гранда“. Сетете се, нивниот гуру мисли дека холокаустот е еврејска традиција. А он им е најинтелигентен. Мојот расипан ум веднаш продуцира дијалози на интелектуалната бижутерија.

Лелеее, ја виде онаа Рашела, гарант човече, пеела на она шоуто „Давидова ѕвезда“!
Прекини, ќе нè обвинат за антисемитизам.
Ама јас ништо не реков против симитот.
Каков симит?

Па рече, антисимитизам.
Реков антисемитизам.
Не сум слушнал за тоа антисемитизам. Нешто како апдејт на антиквизација, а? Значи што нема да измисли оваа режимскава опозиција, човече.
Дечки, дечки, Еврејкана е член на фашистичка партија. Гарант и за време на холокаустот во Германија имало Евреи во власта.
Се извинувам на упад, ама во Германија немало фашистичка партија.
Русјаков, не прави се многу паметен, кога си небањат.
Се извинувам!

Како рече цуци? Холокауст? Тоа е некој нов сајбер-холограм?
Немам грам, само полче.
И така. Затоа не кревајте паника. И ве молам, нивните будалаштини да не ги нарекувате говор на омраза. Говорот на омраза е оружјето на потпросечните. Нивното оружје. Тие преку политичката коректност и говорот на омраза сакаат да воведат цензура на фантазијата и хуморот. Затоа ги измислија, за да ги злоупотребуваат кога нешто не им оди по зацртаната потпросечност и папагалската хистерија.

Баталете ги, нека трескаат. Не легитимирајте им го оружјето за контрола на умот и униформирање на мислата. И не заборавајте, тие се „граџанство“, а ние „сељачаана“. Уживајте во опинокот и гунчето, кои имаат илјада пати повеќе креативност од нивната брендирана самобендисаност. Оставете ја интелектуалната бижутерија да се удави во самонабилданиот елитизам. И онака има поинтересни нешта за набљудување, расудување и иронизирање.
Како нападот на Иран, на пример.

Започнаа подготовките за првата северџанистанска НАТО-офанзива на некогашна Персија. На плоштадот ќе се палат персиски килими купени во комуњарски времиња. „Анима мунди“ стравува за персиските мачки, откако Управата за државна безбедност почна да ги повикува на распит. Секоја Перса во државата трча по шалтери за да си промени име. Шарената револуција се ребрендира во шарена фаланга. Прогресивните новинари веќе скапуваат по ирански затвори на Фејсбук. Феминистките острат вилици за тоа како на иранските жени ќе им донесат религиска слобода, наместо шамии да носат хиџаб. Само што завршивме со празнично опивање, а веќе сме спремни да пиеме нафта. Иранска нафта. Дане Талески, северџанистанскиот Птолемај, излезе со стратегија наречена „Од Гавгамела до Гвантанамо“.

Само штета што во Белата куќа не седат Клинтонови за масакрот да биде совршен. А планот на Тале е едноставен. Ги правиме пичвајс Иранците кај Гавгамела и го носиме заробениот ајатолах во Гвантанамо. Полесно здравје, кога знаеме дека Албанија, Косово и Црна Гора се рамо до рамо со нас. Оние дезертери Германија, Хрватска и Словенија ќе си го добијат своето откако ќе го урнеме Персеполис. Фали само еден „Нато фест“ за да кренеме морал на урбана герила.

Техеран е наш, се ори низ „Северџанистан“. Следната Нова година ќе локаме вино и ждереме прасешко по техерански кафеани. Само оној Трамп да не излезе клошар, па да се повлече и од оваа толку посакувана војна. Ама и да се повлече. Ние сме поголеми Американци од Американците. Јас само му се молам на бога, да не му текне на некој унгарски политичар да ни го посети протекторатов баш сега, па оние од влада, наместо унгарско да истопорат иранско знаме.

Само ти Русјаков шири антиамериканска хистерија.
Јас ли? Напротив, ширам американски позитивизам. Жими Хак Фин и Холден Колфилд!
Е што има тука позитивно?
За Американците позитивно. Да се паметни, ќе си повлечат војска дома, а наместо нив ќе пратат марионети за отстрел од банана-држави како северниов протекторат. На чело со забегани прогресивни НАТОљуби.
Не знам дали знаеш, Русјаков, ама да не беше Америка ние немаше да постоиме.
Не знаев дека Тито е Американец.
Каков сега Тито?
Па нели Тито ве измисли?
За…вај се ти само…

Ма јок, какво за…вање. Се согласувам со ова тврдење. Не Америка, бидејќи таму повеќето се нормални луѓе, туку нивната „длабока држава“ ве измисли. Да не беа они и нивните грантови, вакви севернобезидентитетски будали тешко дека ќе постоеја.
Океј, во меѓувреме, фудбалски речено, Трамп и Иран ја спуштија топката. Може ќе куртулиме од уште едно безумно крвопролевање. Не сум сигурен само како ќе го преживее ова Дане Талески. Него веројатно по дома веќе го нарекуваат, царе Александре. А и оние забегани хистерични НАТОфили. Може не е лошо некој да му објасни на Трамп дека тука има едни НАТО-фанатици од македонска и од албанска етничка припадност. И онака САД се повлекува од базите во Ирак. Не знам зошто Доналд не ги собере веднаш овие балкански милитаристички лудаци за да ги носи по бази да сркаат пустински песок. Ем ние ќе се спасиме ем нема веќе залудно да гинат американски момичиња и девојки.

Иако, тоа е веќе очигледно, НАТО заминува во историја. Се покажа веднаш по иранското гранатирање на базите во Ирак. Американските сојузници еден по еден фатија магла. Трамп го има сето право на светот да ја расформира оваа клинички мртва, бескорисна, ама застрашувачки зла организација.

Најчитани вести