Ова е еден од ручеците кои ќе ги обожавате, затоа што „самиот се готви". Подготовката е едноставна, а сочниот вкус, пријатно ќе го изненади целото семејство.

Љубителите на индиска храна посебно ќе се вљубат во комбинацијата на сочно печено пилешко месо и силни ароматични зачини.

Можете да го следите оригиналниот рецепт на Џејми Оливер,

или да го поедноставните, со печење на пилето во тавче.

Резултатот е секако одличен, бидејќи ова е гурмански ручек со кој ќе ги воодушевите најблиските. Гарантирано ќе лижете прсти и ќе го направите уште неколку пати.

Потребни состојки:
1 пиле со средна големина, околу 1500g
1 лажица густо доматно пире
1 лажица свеж сечкан лук
1 лажица свеж рендан ѓумбир
1 лажица црвен пипер
1 мала лажичка коријандер
1 мала лажичка куркума
1 мала лажичка кумин
1 мала лажичка кардамом
2 мали лажички морска сол
2 мали лажички јогурт
Малку цимет и црн бибер
1 лимон
Подготовка:
Во подлабоко тавче за печење измешајте ги сите наведени состојки, со исклучок на лимонот.

Ставете си тенки ракавици и со смесата односно, маринадата, добро намачкајте го пилето однадвор и во внатрешниот дел.

Ставете го лимонот да се вари во вода, 10-15 минути. Внимателно извадете го, и со остар нож прободете го 3-4 пати. Пикнете го лимонот во внатрешниот дел на пилето.

Тој ќе му даде неверојатна свежина на месото.

Печете во загреана рерна на 200 степени, околу 1 час и 30 минути.

Немојте да се загрижите поради црната испечена кожа на пилето, воопшто не е изгорено.

Сервирајте со компири, свежа салата или други додатоци по желба.

Пријатен ароматичен ручек!

Најчитани вести