Именувањето на новиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев наметнува многу задачи пред него уште од првиот ден на стапување на функцијата со цел да се намали партизацијата која владее во МВР, врските на полицајци со подземјето, корупцијата и масовниот уличен криминал кој завршува без акција и селекција на акциите според етничка припадност.

Министерот Чулев уште на првото интервју вчера кажа дека се видни врски на функционери на МВР со подземјето. Примерот за кој станува збор е еден од тие кои ги наведува Чулев.

Човекот се вика Газменд Бериша, до скоро бил началник на НТШ при СВР Скопје, или појасно - одговорен за гонење дилери и недозволена трговија со оружје во главниот град. На таа функција бил се до последниот ден на функција министер за внатрешни работи на сегашниот технички премиер Оливер Спасовски. Тој последен работен ден на Спасовски завршува со потпишување решение за унапредување на Газменд Бериша после кое тој станува главен началник на единица за борба против дрога при секотор за организиран криминал за цела територија на Македонија, а не само за Скопје.

Што е спорно со неговото унапредување? Вечер веќе пишуваше дека началникот Газменд Бериша е под сомневање на внатрешната контрола на МВР дека има соработка со дилери за дрога од Арачиново но, и со кланот од Грчец и Чаир. Ова сомневање е потврдено од нашиот извор и со најмалку три постапки кои внатрешната контрола на МВР ги водела во оваа смисла.

Во април/мај 2019 МВР има акции на следење дилери при што се употеребени и мерки за прислушкување, ПИ мерки, при што се дошло до сознанија дека дел од дилерите имаат комуникација со началникот на НТШ Газменд Бериша и разменуваат информации и совети. Постои и соменвање дека имал средби во Чаир со дилерите а, според прислушкуваните разговори на дилерите, постои и сомневање за финансиски поткуп. Сомневањата одат до таму дека дилерите организирале тепање на Газменд Бериша и уште еден инспектор од НТШ поради тоа што не добиле на време информација, дојава, поради што против нив криминалистичката полиција во периодот септември/ноември имала две успешни акции.

Според инспектори во НТШ, како и одговорни во внатрешната контрола на МВР, најмалку четири полициски акции против дилери биле пропаднати бидејќи дилерите имале дојава од внатре во МВР и навреме избегале. Последната голема акција против дилери во Грчец, од декември 2019, пропадна бидејќи и тогаш главните дилери имале дојава за доаѓањето на полицијата.

Прва одлука која Газменд Бериша ја донел по стапување на новата функција е наредба да му се предадат сите предмети водени против дилери за последнава година дена, меѓу кои и изводи од ПИ мерки за следења и снимања и имиња на соработници на МВР меѓу дилерите и корисниците на дрога. Со ова тој има целосен увид и информации кои се неопходни за дилерите за да расчистат и меѓу себе и спокојно да продолжат со работа.

Овие сознанија на внатрешната контрола на МВР се игнорирани, но документацијата се уште постои и новиот министер Чулев може да ја употреби. Една од можните причини зошто на Газменд Бериша му се простувало сето ова е и неговата семејна врска, тој е зет на пратеничката од СДСМ Ѓулемсер Касапи. Освен овие наоди на внатрешната контрола Газменд Бериша не го исполнува ниту формалниот услов за именување на новата функција.

Имено, според интерниот оглас за Началник на единица за борба против дрога при Организиран криминал неопходно е да има завршен факултет за безбедност, а Газменд Бериша има заврешно Педагошки факултет, а потоа учел на ФОН. На решението треба да му претходи одлука на Комисија за кадровски прашања при МВР која во случајов ја нема.

Поради ова наметнување на Газменд Бериша за државен началник група од пет-шест искусни инспектори најавила повлекување од секторот за дрога и организиран криминал бидејќи не само што не се согласуваат со начинот на кој Бериша е избран, туку и се плашат за својата безбедност при работењето поради сомневањата за негови врски со подземјето.

Она што е можен главен мотив на ваквото поставување на Газменд Бериша на оваа функција е да заврши работа за потреби на СДСМ на изборите со координација на албанското подземје во Македонија кое, како и на претходните парламентарни избори, треба да донесе гласови за СДСМ од кампот на македонските Албанци.

Најчитани вести