Академик Ратко Јанев почина синоќа во 81 година од животот. Беше редовен член на Македонската академија на науките и уметностите.

Посмртните останки на академик Јанев ќе бидат изложени во петок во 13:30 часот во капелата на Новобежаниските гробишта во Белград, а погребот ќе се изврши во 14:15 часот.

Ќе биде одржана комеморативна седница за што јавноста ќе биде дополнително известена, информираат од МАНУ.

Академик Ратко K. Јанев е роден 1939 година во Сандански, Бугарија. Дипломирал на Електротехничкиот факултет во Белград, специјализирал на Државниот универзитет во Ленинград, а докторирал на Природно-математичкиот факултет во Белград. Работел на Институтот за нуклеарни науки „Борис Кидрич“ во Винча, а продолжил со работа на Институтот за физика во Белград. Предавал на ПМФ во Белград и на ПМФ во Скопје (1970 – 1973), а бил професор и на повеќе универзитети во Европа, Америка, Јапонија и во Кина. Соработувал со врвни светски истражувачки институции. Раководел со прогамата на Меѓународната агенција за атомска енергија (Виена) за истражувањата во контролираната термонуклеарна фузија (1988 – 1999). Објавил над 300 научни трудови, а автор или коавтор е на 7 монографии и 27 ревијални статии.

Бил член на Советот за електронски и атомски судири на Европското физичко општество (1993 – 1997), како и на научни комитети на бројни меѓународни конференции. Заедно со проф. А. Далгарно ја иницира Меѓународната конференција за атомски и молекуларни податоци и нивната примена (1998). Добил Homage oд Слободниот универзитет на Брисел (1979). Беше член на Joint Institute for Laboratory Astrophysics, Боулдер, САД (од 1982).

Добитник е на престижната Хумболтова награда за истражувања во контролираната термонуклеарна фузија (2004).

извор: Makfax

Најчитани вести