Ангел Димитров, претседавачот од бугарска страна во комисијата за историски прашања, ја потврди тезата на Ајнштајн. Тој еднаш рекол, дека: „Две работи се бесконечни. Универзумот и човечката глупавост. Иако, не сум сигурен за универзумот“.

– И Димитров, во таа смисла, околу застојот во разговорите во рамките на мешовитата комисија, помпезно изјавува дека: „Измислија нов писмен систем кој користи многу српски букви. Целта на комисиите беше да се разграничи тој јазик од литературниот бугарски јазик. Така се создаде она што денес се нарекува македонски јазик“.

Она што го пренебегнува или намерно се обидува да го девалвира бугарскиот историчар е тоа дека првата стандардизација на македонскиот јазик ја направил токму Крсте Петков Мисирков во своето монументално дело „За Македонцките работи“, објавено во Софија, во 1903 година. Во истото, Мисирков ги постулира четирите темелни вредности на идниот државен политичко-правен развој на Македонија. Таму тој ги посочил принципите врз основа на кои треба да биде стандардизиран македонскиот литературен јазик. Тој истакнал дека дијалектната основа на македонскиот јазик се наоѓа во централните говори на западното наречје и тоа на линијата Велес, Прилеп и Битола. Понатаму, тој се залагал правописот да се темели врз основа на фонетско-фонолошките принципи, а лексиката на македонскиот литературен јазик да ги вклучи сите македонски говори!

– Во таа смисла, значајно е да се истакне дека Мисирков уште на почетокот на минатиот век сметал дека современиот писмен јазик е најјасно изразен во текстовите на народната поезија и преданијата од деветнаесетиот век. Она што е клучно и треба секое дете од седум годишна возраст во Република Македонија да го знае, е дека токму Мисирков, како сведок на сериозно агресивните пропаганди на соседните Грција, Бугарија и Србија, инсистирал на тоа дека е неопходно што побргу македонскиот литературен јазик да се издигне на степенот на службен јазик во идната македонска држава. Неоспорен факт е дека сите национални конструкти кои беа креирани на големата билијардска маса од страна на Големите сили во текот на деветнаесетиот и на почетокот на дваесетиот век, по нивното формирање, своите стратешки интереси ги насочија кон последната османска провинција во Југоисточна Европа т.е. кон Македонија. Доказ за тоа се балканските сојузи и двете траорни балкански војни од 1912 и 1913 година.

На ист начин како и денес, но, со многу по брутални средства беа усмерени сите возможни капацитети на балканските држави да приграбат што е можно повеќе од територијата на етничка Македонија и да асимилираат што е можно побројно население. Сите оние кои се спротиставиле или искажале несогласување биле физички ликвидирани, скапувале по затвори или заминале засекогаш од своите вековни огништа. И уште малку да се задржиме на дрската навреда од страна на бугарскиот историчар Димитров.

Приказната за „српските букви“ е стара рана на бугарската круна. Српската диктатура во Македонија, за времето на првата Југославија, ја направија Бугарија, бедемот од каде што македонските револуционерни дејци ја создаваа меѓувоената авангарда, го романтизираа бугарското општество и низ различните струи и движења бараа канал за ослободување на Македонија. Признавањето на македонскиот народ и на македонскиот јазик, како и на современата македонска национална држава која своите темели ги удри на АСНОМ во 1944 година, во рамките на втората Југославија, беше траен пораз за лицемерната бугарска голема стратегија која всушност потекна од руско-царистичките велико стратешки планови во втората половина од деветнаесетиот век.

Овие шкрабаници, кои германската железна тупаница на чело со Бизмарк ги изгоре за неполна година, станаа императив врз основа на која се градеше и сеуште опстојува патетичната сага на бугарското општество. Со ваквата реторика и со ваквиот однос, Бугарија уште еднаш покажа дека не го заслужува своето место во европското семејство исто како што Македонија не треба да се обидува да создаде пријателство, со држава која во секој однос се покажува како непријател.

Што можеме да сториме? – Пред сѐ, неопходно е трајно да ги прекинеме овие бесмислени разговори, кои во својата позадина не носат развој и проширување на видиците, ами само дополнителен удар на и онака тешка и траорна слика во нашата татковина.

Треба да разбереме дека без оглед на тоа колку сме девалвирани и до кој степен сме понижени, не смееме и немаме никакво право да бидеме дел од сценариото во кое е изрично нашето повлекување за сметка на агресивниот бугарски иридентизам и национал шовинизам кој има една и единствена цел, а таа е да го приграби и закачи на својата подарена круна централниот рубин т.е. Македонија!

– Во време кога упорно се обидуваат да не убедат дека се е само ветар и магла, време е да покажеме зошто е гордост да кажеме дека сме Македонци од Република Македонија, кои говориме македонски јазик и затоа со длабок презир се оградуваме од сите кои за триесет сребреници го продадоа својот идентитет и своите титули, а во истовреме со пиетет ги спомнуваме имињата на Мисирков, на Кепески и на Конески. Слава им!

Иванка Василевска, Универзитетски професор (18 декември 2019) 

Најчитани вести