Случајот со Томислав Димитровски е приватна случка, која МВР треба да ја истражи и да постапи согласно закон, реагира опозициската ВМРО-ДПМНЕ, по прес-конференцијата на Костадин Костадинов од СДСМ, кој денеска рече дека  ексамбасадорот Томислав Димитровски кој впери пушка кон сосед е советник на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Од ВМРО-ДПМНЕ на Костадинов му порачаа наместо да држи празни прес конференции, да го праша Зоран Заев до каде е пресудата за случајот Монструм и зошто дозволил еден од убијците да избега. Од ВМРО-ДПМНЕ истотака прашуваат и до каде е истрагата за убиецот на Мартин Јанушев, како и истрагата за напаѓачите од Рузвелтова.

„Граѓаните очекуваат и истраги и процесуирање на криминалите на оваа власт, но тоа СДСМ не може да го спроведе, тоа ќе го спроведе новата влада на ВМРО-ДПМНЕ по 12 април. Кога секој што се огрешил кон законите ќе одговара за стореното“, додава ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата.

извор: Makfax

Најчитани вести