Кредитната агенција „Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава на ББ+ со стабилен изглед.

Како што наведуваат од агенцијата, ова се должи на низата кохерентни макроекономски и финансиски политики и подобрите индикатори за управување, развој на човечки ресурси и околина за водење бизнис во однос на ББ просекот.

„Фич“ пишува дека домашната политичка ситуација е нормализирана после подолг период на „политичка парализа“ од 2014-2017 година. Согласно агенцијата, процесот на евроинтеграција останува приоритет на земјата и двигател на реформите.

Како што наведува агенцијата, проекцијата за раст на македонската економија за годинава е 3,4% од БДП, што претставува забрзување во однос на лани. Тие очекуваат растот да биде придвижен од домашната побарувачка. Исто така наведуваат дека инвестициите во првото полугодие од годинава пораснале за 10,4%, што се должи на зајакнатата доверба на инвеститорите и на растот на кредитирањето.

„Фич“ во својот извештај вели дека трендовите на пазарот на труд се позитивни со раст на вработеноста за 2,2% и намалување на стапката на невработеност за 0,7 процентни поени на 17,1% заклучно септември. Тие очекуваат растот на инвестициите и на вработеноста да бидат поттикнувачи на економскиот раст и догодина, како и растот на минималната плата, пензиите и платите во јавниот сектор.

Агенцијата вели дека извозот растел брзо, 13,2% заклучно септември годинава и покрај слабостите во еврозоната, особено во автомобилската индустрија во Германија. И увозот расте брзо, придвижен главно од увозот на суровини.

Државниот долг е проектирано умерено да се зголеми од 40,7% од БДП на крајот на 2019 година на 41,2%на крајот на 2021, пишува „Фич“. Владините гаранции за јавни проекти, главно поврзани за проекти за патишта се очекува да се зголемат од 8,1% од БДП во третиот квартал од 2019 на 10% во 2020 година.

Банкарскиот сектор е оценет како стабилен и добро-капитализиран. Депозитите растат за 10%, додека уделот на денарски депозити во вкупните е зголемен и изнесува 61,3% во вкупните депозити. Кредитната активност е повисока за 7,4% и согласно очекувањата на „Фич“ таа ќе порасне за 8,5% догодина како резултат на зголемената побарувачка.

Инаку во јуни годинава, агенцијата „Фич“ го зголеми кредитниот рејтинг на Северна Македонија од ББ на ББ+, што беше прво подобрување на кредитниот рејтинг на нашата земја после 13 години.

извор: Makfax

Најчитани вести