Eден човек од Куманово преку четири фирми во кои директно или индиректно е сопственик (и) или менаџер лани направи приход што надминува 100 милиони евра? 

Четири кумановски фирми лани кумулативно направија промет што надмина 100 милиони евра. Тоа е дострел за кој сонуваат многумина менаџери или бизнисмени во земјава. Иако во бизнис круговите знаат за кој се работи, овој кумановец за жал е анонимен за општата македонска јавност на која редовно и во големи дози и се сервира само дневна политика.
Тони Каранфиловски е менаџер и сопственик на неговата матична „хенд мејд“ фирма „Квалитет пром“, косопственик со братот Дејан во „ДЕТ ОИЛ“. Преку ови две фирми одлучува и за деловните потфати на ФЗЦ „11 Октомври“ Куманово и за „Рапид Билд“. Лани неговата работа во четирите фирми оствари приход од 100, 5 милиони евра

„ДЕТ ОИЛ“ е најголемата кумановска компанијата. Таа се занимава со трговија на мало со моторни горива и масла која лани остварила приход вреден 42 милиони евра. Оваа компанија лани остварила профит од 1,6 милиони евра. Сопственици на „ДЕТ ОИЛ“ се браќата Тони и Дејан Каранфиловски. „ДЕТ ОИЛ“ е ко-сопственик во кумановската фабрика за заварени цевки и профили „11 Октомври“ и во компанијата „Рапид Билд“ која учествува во градбата на националниот гасоводен систем. „ДЕТ ОИЛ“ е компанија која , според наши сознанија, е основана 1993 година до браќата Каранфиловски и нивниот татко Гроздан.

Се почнало од „Квалитет-Пром“ во 1991 година, основана од Тони Каранфиловски (податокот е достапен на Линкдин профилот на Каранфиловски). Оваа компанија сега е ко-сопственик во „Рапид Билд“, преку која е ко-сопственик и во ФЗЦ „11 Октомври“. „Квалитет Пром“ лани оствари приход од 26,4 милиони евра и е втора кумановска компанија според остварен приход по „ДЕТ ОИЛ“. Дејноста на „Квалитет-Пром“ е трговија на големо со дрва, градежен материјал и санитарии. Лани оваа фирма остварила профит од 2 милиони евра.

Единствено поголем профит од неа има „Рапид Билд“ фирма регистрирана за изградба и во јавноста позната како изведувач на дел од националниот гасоводен систем. Оваа кумановска компанија лани остварила приход од 16,4 милиони евра, а од нив 2,23 милиони евра е профит.

И четвртата фирма од „конгломератот“ на Тони Каранфиловски е ФЗЦ „11 Октомври“. Браќата Каранфиловски пред четири години, по купувањето на мнозинскиот пакет на аукција, дадоа јавна понуда да ги купат сите слободни акции на оваа компанија поранешен гигант и извозник на заварени цевки и профили. Купувачи на ФЗЦ се „ДЕТ ОИЛ“ која поседува 52,3 отсто од акциите, а „Рапид Билд“ има 9,15 отсто од управувачките права. По превземањето и рестартирањето лани оваа компанија остварила приход од 24,1 милиони евра, а годината ја завршила со загуба од 1,1 милиони евра.

Најчитани вести