Нови чудни детали поврзани со работењето на Специјалното Јавно Обвинителство и обвинителката Катица Јанева, откриваат документите до кои стигна „Економски Лидер“.

Ниту еден од поранешните специјални обвинители во своите анкетни листови не ги пријавил додатоците на плата, што ги добивале како надоместок за доверливост, изјави неодамна претседателката на Државната комисија за спречување корупција, Билјана Ивановска.

Со ова, таа најави дека и антикорупционерите ќе се позанимаваат со енормните додатоци, што екс-шефицата на Специјалното јавно обвинителство, Катица Јанева, како од ракав им ги доделувала на своите колеги.

Во согласност со Законот за слободен пристап до информации, „Економски Лидер“ дојде до анкетните листови на сите поранешни специјални обвинители, што ги пополниле и предале при стапувањето на функцијата и по нејзиното завршување. Во наредните денови „Лидер“ ќе ги објави анкетните листови на сите обвинители, без свои коментари, и ќе остави читателите сами да судат дали постои разлика во нивната имотна состојба.

Надвор од имотот и средствата со кои располагала, посебно внимание во анкетниот лист на Катица Јанева привлекува шестата графа предвидена за хартии од вредност и удели.

Во неа Катица Јанева не навела дека поседува било какви акции, удели или други хартии од вредност, туку оти има една „Полиса за животно осигурување“ во вредност од 2.790.074 денари и тоа од 2018 година.

Притоа, индикативни се два моменти. Прво, дека договорот за животното осигурување не е склучен при стапувањето на функцијата, туку во 2018 година, значи пред избивањето на случајот „Рекет“, со што паѓа во вода дека основната причина за животното осигурување лежи во опасноста од работното место. И второ, во основот на стекнување е искористена кратенката СДН, што означува „стекнување на друг начин“.

Оттука, пак, произлегуваат и други нејаснотии. На пример, кој е начинот на кој Јанева ја стекнала оваа сума, дали таа е дел од надоместоците, што си ги давала самата себе си, што, пак, од друга страна значи дека своето животно осигурување си го платила со пари на даночните обврзници?

Натаму, како се стекнала со нив или, пак, некој друг ги уплатил во нејзино име? Дали ова е „проценетата вредност на животот“ на Катица Јанева или, пак, само основица на која би следувал „добивка“, која според познавачите на состојбите во сферата на осигурувањето, се движи од 0,5 до максимум 7% во зависност од работењето на осигурителната компанија?

Покрај овој момент, важно да се напомене дека во случај да не настане штета, средствата се враќаат на осигуреникот плус одредена добивка на тие средства.

Натаму, на кој период е направено осигурувањето? Ако е платено онапред, на пример, минимумот изнесува 10 години. Ова не е беззначајно, зашто, на пример, ако средствата биле од СЈО, се поставува прашањето дали државата ќе си ги побара назад?

И конечно, дали полисата за животно осигурување Јанева или некој друг во нејзино име го платил(а) одеднаш или се плаќа на рати? Дотолку повеќе, што законскиот период на постоење на СЈО истекува на 15 септември идната година. Во крајна линија, парите секако ќе завршат на сметката на Јанева. Во вакви случаи, пак, при склучувањето на договорите, секогаш се наведуваат корисници на осигурувањето во случај на смрт и нивниот број треба да биде минимум едно лице. Во случај на несреќна смрт се исплаќа двојно од сумата на осигурување.

Одговорите на сите овие прашања се очекуваат од Антикорупциската комисија.

Најчитани вести