Не кажа Пендаровски со што сме се исмевале на Бугарија и какви тоа вицови сме правеле како во комунизмот, бидејќи такво нешто не постои. Човекот си го измисли тоа и мртов озбилен си го кажа. Ако случајно мисли на филмот “Трето полувреме” претпоставувам знае дека премиер, па ни министер, не читаат филмски сценарија за кои филсмкиот фонд доделува подршка.

Но, дури и за тие што читале, неразбирам дали Пендаровски смета дека трагедијата на Евреите во Македонија сами си ја направиле? Сами рано наутро во ист ден излегле од домовите и се качиле во возовите за Треблинка? Чија власт присилно ги изнела од домовите и ги депортирала? А тоа беше главната причина за реакција на официјална Бугарија, чие општество очигледно не беше претходно низ децениите подготвено за вакво соочување со историските грешки и заблуди на дел од нивните предци. 

Гледате какви стандарди има Пендаровски? Тоа било ригиден автократски режим. Во денешната власт во која е и самиот тој и која за Пендаровски не е “ригиден автократски режим” првиот човек на извршната власт на државата две недели однапред јавно соопштува дека судот ќе го прогласи за виновен неговиот претходник (мај 2018).

Подоцна јавно признава дека ургирал кај политичките преставници на коалициониот партнер за смена на претседател на врховен суд, по што таа смена се реализира. Целокупната извршна власт, вклучувајќи го и самиот Пендаровски кој исто така е дел од извршната власт, порачуваат јавно на уставниот суд како треба да одлучи за ова или за она. Тие не коментираат одлуки на судот туку јавно ги нарачуваат.

Можеме само да замислиме какви пораки добиле уставните судии приватно од овие лица. Јавно и секој ден им се закануваат на судиите во основните, апелациските и врховниот суд со разрешувања, ветинзи, целосни реизбори и слично и сето тоа е за нив демократски. Се назначуваат претседатели на судови и се унапредуваат судии надвор од Законот кој одредува предност за судиите со најмногу бодови засновани на нивната работа и резултати. Судиите под притисок на извршната власт држат во затвор десетици лица со непостоечко дело тероризам, за што категорично негативно се изјасни и врховниот суд на Шведска, но што има да се следи Шведска кога ние го имаме Пендаровски.

Тој и неговите се сега “врховниот суд на Шведска” во Македонија. По судови и без докази се прогонуваат стотици членови на опозицијата, а Пендаровски тоа го продава како наводна борба со криминалот а вистинскиот криминал кој се одвива во моментот, рекетот и незаконското работење никој несмее да го дискутира и се прави обид да се сведе само на неколку личности кои до вчера ни ги преставува како ангели.

Сите поважни телевизии се под закана после кај нив влезените контроли и одземена документација од обвинителството. Претходно, за пример на другите медиумски газди еден сопственик на телевизија критички настроена кон власта се стави во затвор.

Сега веќе нетреба да се чекаат пресудите на политичките неистомисленици или конкуренти. Доволно е да се следат контролираните медиумите и тие кажуваат кој како ќе помине на суд. Тие кои имаат задача да ја подготват јавноста за нарача таа пресуда кај судијата за јавноста на крај да му аплаудира на судијата што го осудил “грешникот”. Па нив веќе и самите судии кои судат ги следат при носењето на одлуките.

Пресудите јавно им се диктираат на судиите кои само треба да ги соопштат во судницата. На локалните избори организирани од оваа власт имаше масовен поткуп на гласачи со директна асистенција на полицијата, поткуп и уцени на набљудувачите и изборните комисии, т.н. “бугарски возови” и масовни уцени, закани и заплашувања со посета на домовите на илјадници гласачи главно подржувачи на опозицијата со укажување или за кого да гласаат или да си седат дома на денот на гласањето. Тој смета дека е правилно висок функционер на судот јавно да му се каже како треба да пресуди и се е тоа во ред, а поранешната власт била “ригиден автократски режим”.

И конечно некоректниот настап на Пендаровски го видовме кога по одлуката на уставниот суд да покрене иницијатива која се однесува на прекинот на поголем број судски постапки кои ги направи претседателот Иванов, веднаш побрза, без никакви аргументи, докази па дури ни индиции, да ме прогласи мене дека стојам зад тоа, што секако е невистина.

Тој дури отиде до таму што јавно почна да ми испраќа пораки, како и на судиите. Сам со себе си дискутираше. Пендаровски не личи на претседател-државник, туку на старомоден балкански партиски водач кој политиката ја разбира дека нетреба ништо да се работи и сработи туку секој ден да се даваат некакви изјави и да се напаѓа со или без аргументи и докази.

Стереотип на политичар за кој вистината не е важна, туку колку реторички поубедливо ќе се каже лагата или фикцијата, што почесто нешто да се говори за да се биде присутен секојдневно а тоа во моментот да звучи интересно.
 

Најчитани вести