Прв пат во август 2018 година дознав дека сум под ПИ мерки. Тоа ми го кажа адвокатот Васил Димишков кој од мене побара 100.000 евра ако сакам са соработувам со ОЈО, рече на денешното рочиште за „Рекет“ бизнисменот Орце Камчев во своето сведочење.

– Тој ми велеше како да сме на пазар за секоја услуга која ми ја нудеше, имаше цена. Од моја страна по неколку дена понудата беше одбиена. Тука се двајцата режисери во судница. Од Јовановски добив да соработувам во неколку проекти и да платам за реклама во телевизијата. Во август лани тој стапи во контакт со мене. Јас се согласив за реклама од 50.000 евра, но понудата за него била потценувачка и рекол дека за тие пари тој не разговарал. Во мојата канцеларија дојдоа Боки 13 и Милески да разговараме за фешн молови. Ми покажа некои документи. Го слушав и сфатив дека тоа е нереална приказна. Но, за жал не ја сфатив неговата улога. Локацијата за тој фешн мол требаше да биде спроти “Асиба”. Требаше да платам 4 милиони евра според договорот. Го загледав зачудено. Сакав културно да го откачам. Ми покажа документ во кој беше потпишан синот на Катица Јанева. Три дена подоцна и оваа понуда ја одбив мислејќи дека ја злоупотребува Јанева – рече Камчев.

Неколку дена подоцна, ми понуди нов проект за старечки домови, рече Камчев, додавајќи дека на тој состанок биле Јасна Мандиќ, Јовановски и уште еден маж.

– И за овој проект цената беше 4 милиони евра. И за овој проект го откачив. Милески ми кажа дека ми се налутил, па се согласив да му платиме реклама од 180.000 евра. Подоцна откако не му ги задоволив желбите, а не проектите, ми пуштија слика со дознака дека се подготвува нешто големо. Лиле Стефанова преку Ванчо Чифлиганец преку мене бараше простор за стоматолошка ординација за нејзината ќерка. И тоа го одбив. Сите барање за рекет ги одбив. Бев изложен на класичен рекет – нагласи Камчев.

Истрагата за „Империја” започнала, рече тој, пред 2 години.

– Јас бев сигурен дека не сум сторил кривично дело. Понудите на Димишков, Чифлиганец и на Боки се покажаа. Кога отидов во притвор се ми беше јасно дека може монструозно да се скрои така случај. Мој сега покоен пријател го знаел целиот предмет и платил 10.000 евра за да го тргнат од тој список. Потоа му платил уште 250.000 евра. Понудив гаранција од 14 милиони евра за домашен притвор. Тие правеа голема тортура врз фирмите. План осмислен од Боки 13, а реализиран преку Лиле Стефанова и Катица Јанева. Мојата сопругата отишла да се види со адвокатот Васил Димишков, па и рекле дека треба да плати два, четири или шест милиони евра ако сака да ми помогне. Таа расплакана си заминала. Милески и се јавил да се види со Боки 13. Имало неколку средби меѓу Јовановски, мојата сопруга и Зоран Милески. На една средба Боки 13 и рекол дека ќе ја заврши работата ако му плати – рече сведокот Камчев, кој преку спикерфон разговарал за секој чекор со Јанева.

Тој нагласи дека Катица Јанева и се заканувала на неговата сопруга и дека се заканила дека ако не плати ќе отвори уште истраги против него.

Најчитани вести