Премиерот Зоран Заев има силни амбиции да има тотална власт врз правосудниот систем и тоа не го крие. Се чини дека карактерот и стекнувањето со над два милиони незаконски снимани туѓи телефонски разговори ги подигна неговите амбиции без лимити. Уште пред да стапи на чело на владата јавно објавуваше список на лица од спротивната политичка страна кои ќе бидат обвинети и на кои ќе им се суди. Потоа, веднаш по стапување на власт, од позиција на премиер, создаде некаков совет за реформи во судството од луѓе кои се или биле на функции во СДСМ со листа за отстрел на судии неподобни за неговите цели и намери, и тргна да прави чистка на судиите и судскиот совет, а обвинителството го реши со поставување на свој кадар за државен јавен обвинител.

Сите кои се согласија да соработуваат за потреби на тоталната власт на Заев врз судскиот и обвинителски систем почнаа да тонат, пуштени од Заев низ вода, а за останатите се применува насилна чистка. Најверниот сојузник и извршител на Заев, Катица Јанева од шефица на СЈО денес е притвореник на кој почна и да му се суди. Обвинителката Вилма Рускоска и судијката Добрила Кацарска, кои го спроведоа судењето врз учесниците на протестите во собранието од 27 април 2017 година со тешки затворски казни за тероризам беа пуштени низ вода откако минстерката за правда на Заев изјави дека тоа судење  било со политички цели и побуди, и ќе остане тежок терет за демократијата. Наскоро, и министерката која послужи за перење на рацете на Заев од Кацарска и Рускоска и самата ќе биде пуштена низ вода и заборавена, исто како и пратничката Фросина Ременски, еден од најблиските соработници на Заев во сите заднински дејствија на партијата и валста.

Еден од оние кои премиерот Заев сака да ги собори на сила е претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски кој во  моментов има мирување на функцијата затоа што е во тек постапка за негова смена, разрешен е но, за извршност се чека одлука по неговата жалба за разрешувањето.

Имено, на 10 септември годинава Судскиот совет го разреши Јово Вангеловски од функцијата претседател на Врховниот суд на Македонија. За разрешување гласале 7 од 10 членови на Советот. Причината е видена во тоа што Врховниот суд донел, според Советот, погрешна одлука со која тогаш обвинетиот од СЈО Сеад Кочан му е укината мерката притвор. Сеад Кочан бил тука за судењето, осуден е и денес е во затвор. Заедно со него разрешени се и други двајца судии од Врховен суд.

Дека одлуката за разрешување е чисто и само политичка чистка и одмазда на премиерот Заев кон судија кој не му е под контрола и при што е употребна и неговата алатка СЈО има најмалку три јавно познати докази.

Заев со месеци, и пред одлуката за Сеад Кочан, јавно бараше разрешување на претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски, што е сосема спротивно на неговите овластувања и политички правила на раздвоеност на власта на извршна, законодавна и судска. Ниту еден судија, особено не раководител, никогаш не смее јавно да бара смена на премиер. Второ, градоначалникот на општина Сарај од ДУИ, Блерим Беџети, месец дена пред разрешувањето кажа дека од Заев му е побарано да влијае на двајца членови на Судскиот совет, Албанци блиски до ДУИ, да гласаат за разрешување на Јово Вангеловски. Иако е ова тешко кривично дело, обвинителството не отвори истрага против Заев, а месец дена потоа тие двајца членови на Советот гласаа за разрешувањето на Јово Вангеловски, а без нив таа одлука не би имала потребно мнозинство.

Трето, обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи на 18 јуни 2019 година се приклучи на хајката на Заев против претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски во време кога се пишуваше за рекетот на Катица Јанева и нејзина смена од чело на СЈО: “Ако веќе бараме нечија смена,треба да се почне од Врховниот суд кој е кочничар на правдата“ изјави Фатиме Фетаи. Денес нејзината шефица Катица Јанева која за неа е лидер на правдата е на обвинителна клупа за рекет.

И Заев и Фатиме Фетаи свесно премолчуваат клучен факт. За притворот на Сеад Кочан на Врховен е донесена одлука која немала никакви последици по подоцнежниот судски процес. За одлуката на Врховен дека СЈО не може да води нови истраги по 18 месеци од основањето согласно законот за СЈО, што е клуч за гнев на Заев и СЈО против Јово Вангеловски, од 17 гласале 15 судии на Врховен а не само Јово Вангеловски. Каде е одговорноста, ако ја има, на другите судии на Врховен кои исто така гласале?! 

Деновиве треба да почне постапката по жалбата на Јово Вангеловски за одлуката на Судскиот совет по која е разрешен. Треба да се формира совет за одлука по жалбата од 9 членови: 4 судии од Врховен суд и 5 судии од апелациските судови. Тој Совет ќе решава дали им дава за право на премерот Заев и на Катица Јанева од СЈО за свои потреби да разрешат претседател на Врховен суд и воведат пракса која секако ќе се применува и понатаму ако сега помине вака. 

Во меѓувреме се заборави на тешкото обвинение кое Блерим Беџети од ДУИ го кажа против Заев дека со него се пазарел за гласање во судскиот совет. Советот го разреши Јово Вангеловски, а за в.д. претседател на Врховен по желба на ДУИ го постави судијата Фаик Арслани, со што ДУИ е намирена при пазарот нивни двајца членови на Судскиот совет да гласаат за разрешувањето на Јово Вангеловски.

Законот за судови според кој го гонат Јово Вангеловски, патем - е укинат. Правната држава е урната, особено во овој случај каде се пукало на врвот на судската власт, а дали по уривањето правната држава ќе се санира и врати во функција ќе решаваат девет судии во случајот Заев и СЈО против Јово Вангеловски. 

Најчитани вести