Loading..

Два дена по пукотниците во скопскиот хотел, полицијата сѐ уште трага по вооружената група која влета во ресторанот на Александар Палас и почна рафално да пука. Од престрелката повредени нема, но нема ниту одговори.  Алсат дознава дека три часа пред престрелката од хотелот биле повикани припадници на Алфите.

Асистенција од полицијата побарал менаџментот на хотелот откако групата гости кои седеле во ресторанот, а во кои потоа ќе се пука, правеле многу врева. Тие биле само легитимирани од полицијата, која потоа заминала. Истата група, половина час по полноќ ќе биде нападната со истрели од автоматска пушка и пиштоли. На истрелите ќе возврати полицаецот кој бил дел од групата во ресторанот и ќе истрела 11 куршуми со службениот пиштол. Полицијата соопшти дека во ресторанот биле 5 лица на возраст од 20 до 40 години но одби да даде повеќе детали – околу нивниот идентитет, од каде се –  и најважното дали биле сослушани и дали ги препознале напаѓачите кои биле со маски на главата.

Неофицијално, полицијата ги прегледала снимките од безбедносните камери од хотелот, но и од оние поставени низ скопските улиците по кои бегале напаѓачите. Тројцата вооружени напаѓачи побегнале со две возила „Туарег“ и „Порше“. Туарегот подоцна беше пронајден запален во Арачиново, каде се пронајдени и двете автоматски пушки. Остатоците од возилото се земени од МВР и се испратени на вештачење. Истрагата треба да потврди дали возилото било украдено и дали на него имало исто така украдена регистрација. За тоа како полицаец се нашол сред полноќна престрелка ќе утврдува внатрешната контрола во МВР. И додека од полиција велат дека за да не и наштетат на истрагата не споделуваат информации до каде е, јавноста се прашува до кој степен е нарушена безбедноста во градот кога вооружени маскирани лица можат да влезат во луксузен хотел во кој престојуваат домашни и странски гости.

Најчитани вести