Loading..

Неготино веќе цела недела, откако во јавност беше соопштено дека во близина на Криволак ќе се изведува проект – депонија за индустриски инертен отпад, е кренато на нозе. Граѓаните јавно му порачаа на градоначалникот Тони Делков дека нема да дозволат да се прави депонија во нивната околина, а од страна на здружението на граѓани ,,Ековита” е доставено писмено барање за покренување на иницијатива за одржување референдум за стопирање на постапката за изградба на депонија за инертен отпад.

И покрај тоа што градоначалникот Делков во петокот имаше свое излагање пред камерите на регионалната КТВ, каде појаснуваше дека депонијата не била измислена од него, туку уште од времето кога на власт беше ВМРО ДПМНЕ, и ги убедуваше граѓаните дека нема да дозволи на територијата на Неготино да се депонира опасен отпад, туку станувало збор за индустриски инертен и неопасен отпад, граѓаните на социјалните мрежи јасно му порачаа дека се против депонијата.

Додека во градот се бара итно стопирање на постапката за изградба на депонијата, на официјалната општинска страница е објавена студија за оцена на влијанието врз животната средина од изградба на депонија за инертен и индустриски неопасен отпад во општина Неготино, изработена од Деконс – Ема, друштво за еколошки консалтинг.

Студијата е презентирана на над 300 страници, и во неа е наведено дека инвеститорот, Друштво за производство, инженеринг и трговија П&П Индустриес ДОО Скопје, има за цел да спроведе проект – Депонија за инертен и индустриски неопасен отпад во КО Пепелиште, место викано Шобово, Неготино, со што ќе обезбеди современо депонирање на индустриски неопасен отпад.

На локацијата ќе се третирал и депонирал комерцијален отпад, отпад од пакување, суви фракции од отпад и отпад од компании кои работат во секторот пластика, гуми и текстил.

-Целокупниот отпад, кој ќе биде прифатен на локацијата, ќе биде претходно селектиран и контролиран од создавачот, а потоа на инсталацијата ќе следи секундарна селекција со цел искористување на корисните фракции од отпадот заради производство на RDF, и на крајот преку соодветен физички и хемиски третман, остатокот од отпадот ќе биде депониран – се вели во студијата.

Она, кое што го привлекува вниманието е делот во кој што е даден воздушен приказ на локацијата на депонијата, со главните три структурни дела. Покрај областа за отстранување на отпад, односно депонијата, и површината за пристап и сервисни објекти, поголема област е одбележана како можно идно прилагодување и проширување на депонијата.

И покрај убедувањата дека не постои никаква опасност по здравјето или врз животната средина, граѓаните немаат доверба во проектот.

Откако на 28-ми ноември беше поднесено барање за покренување на предлог – иницијатива за одржување на референдум на локално ниво од страна на Здружение на граѓани ,,Ековита” до ДИК ПО Велес, канцеларија Неготино, неготинчани чекаат објава на информација од надлежните, кога и каде точно ќе можат да го дадат својот потпис против изградбата на депонијата.

Најчитани вести