Loading..

Приказната за скопските Ромео и Јулија е позната речиси во секое скопско маало, неа ја раскажуваат најстарите жители на градот што се живи денес. Секоја од тие приказни има свои варијанти, иако во основата е иста: љубовта на двајца млади од предвоеното скопско корзо, која ќе заврши трагично.

Кога ја слушате оваа приказна, имате впечаток како да го читате Шекспир или да гледате возбудлив филм. Најавтентичната варијанта од таа љубовна драма деновиве ми ја раскажа Ѓоко Симоновски, кој живее во Дебар Маало и наскоро ќе наполни 98 години. Тој е витален и крепок, а неговата меморија сѐ уште беспрекорно ја бележи историјата на старо Скопје. Лично ги познавал актерите на оваа драма и некои од членовите на нивните семејства. Во тоа се состојат и автентичноста и неповторливоста на неговото раскажување.

Корзото во Скопје било едно од најголемите во предвоена Југославија. На него, секогаш посебно внимание привлекувале познатите скопски „убавци“, или „лепотани“ како што ги нарекувале, но и девојките убавици со својот неодолив шарм и привлечност. Јован, или Јованчо Пуцер, како што нагалено го ословувале, бил еден од главните убавци во тоа време, за кого мечтаеле многу скопски девојки.

Неговиот татко имал дуќан во центарот на Скопје, на тогашниот кеј „Крал Александар“ (денес „13 Ноември“), на просторот на Ново Маало, каде што денес се наоѓа Градскиот трговски центар. Потекнувал од семејство на најстарите дебармаалци што се доселиле на тој простор. Во дуќанот изработувал манжетни и јаки, дејност му биле и пеглањето и штиркањето. Постоела и пералница, како еден вид зачеток на подоцнежното, модерно „хемиско чистење“. Познати министри и конзули кај него ги носеле на чистење своите скапоцени костуми од англиски штофови. Се раскажува дека Јованчо Пуцер (пуцер – чистач), повремено, без знаење на неговиот татко, облекувал некои од скапоцените костуми за да се појави на скопското корзо.

„Јас другарував со Мишо, помалиот брат на Јованчо Пуцер“, раскажува денес Ѓоко Симоновски. „Тој ми беше голем пријател и заедно одевме во вечерното занаетчиско училиште, кое тогаш се наоѓаше во близината на црквата `Св. Мина` во Пајко Маало. Затоа знаев сѐ што се случува во нивното семејство“. Девојката Ана, која била исклучителна убавица, една од најмаркантните на корзото, се вљубила во Јованчо и тие станале најомилената и најпозната двојка на шеталиштето. „Каде што ќе се појавеа, предизвикуваа општа симпатија“, вели Симоновски, „тие како да беа родени еден за друг“. По две години врска, решиле да се земат, да склопат брак. Семејството на Ана било со хрватско потекло, а татко ѝ Јосиф бил командант на 24-от артилериски полк на VIII Вардарска дивизија, стационирана во Скопје.

Семејството на Ана живеело во Кисела Вода, на просторот што се наоѓа десно од Рампа, во т.н. Баровско Маало, кое ретко се спомнува. Според објаснувањата на Симоновски, во тоа маало на почетокот живееле доселениците од селото Барово, од околината на Скопје, кое се наоѓало помеѓу Пуста Брезница и Јаболце. Артилерискиот мајор во тоа време имал раскошна куќа со послуга, војник што постојано им помагал, а мајорот секое утро на работа го носеле со пајтон. Кога дошло време да се запроси раката на Ана, главна улога ја имала нејзината мајка Марија.

Таа не сакала ниту да слушне за тој брак, а таков став имал и мајорот. Марија наоѓала разни изговори, верски причини, имотни, статусни, образовни, секакви. Тврдела дека не си одговараат еден на друг. Но големата скопска љубов продолжила, не можела да биде прекината. Младата двојка сѐ повеќе и повеќе наидувала на тешкотии, кои во еден миг станале непремостливи. Постојано живееле под закана дека треба да се разделат, а тоа во иднина најверојатно и ќе се случело. Во еден миг, во безизлезната ситуација во која се нашле, сосема свесно и доброволно решиле да им стават крај на своите животи – да се самоубијат. Одлуката била дефинитивна и заемно прифатена. По оваа нивна одлука, следувала уште една романтична приказна, каква што само животот и љубовта можеле да напишат.

Ѓоко Симоновски: Лично ги познавав скопските Ромео и Јулија кои трагично завршија

Тие решиле романсата да ја продолжат во третиот дел од скопскиот парк, кој во тоа време имал бујна вегетација со раскошни стебла и зеленило и кој е тешко пристапен. Тој трет дел од паркот постоеше сѐ до скопскиот земјотрес, но и потоа, кога кон крајот на 1960-тите години стеблата беа исечени, пределот се преуреди и беа оформени сегашните езерца со придружните содржини. Во таа вистинска „скопска прашума“ вљубената двојка решила да ги помине последните денови од животот. Изградиле мала колиба-гнездо за својата љубовна идила. Иако не биле венчани, тука сакале да ги поминат „медениот месец“ и последните денови, а потоа да стават крај на своите животи. Во колибата, во тој за нив земен и небесен рај, останале 4-5 дена. Ана предложила, а потоа и успеала да ја оствари намерата, да обезбедат ловечка пушка.

Напишале и проштално писмо, во кое велеле дека нивната љубов е вечна, дека никој не може да ја уништи и дека заедно со себе ќе ја понесат во смртта. Одлучиле најпрвин Јован да пука во главата на саканата. Замислата молскавично била реализирана. Потресен и избезумен, наведнат над нејзиното мртво тело, тој врзал јаженце за чкрапалото од пушката, цевката ја вперил во сопствената слепоочница и го повлекол чкрапалото со ногата. За неколку секунди двајцата лежеле мртви во колибата. Големи биле тагата и жалоста што одекнале низ целиот град. Револтот бил голем, згаснале два млади живота, а сето тоа не морало да се случи и можело да се одбегне. Артилерискиот мајор, по оваа трагедија, бил прекомандуван во Хрватска, а веќе во градот започнале да се насетуваат неизвесноста и нелагодноста од претстојната војна, која неминовно се приближувала.

(Данило Коцевски, Нова Македонија)

Најчитани вести