Loading..

Денот на азбуката се смета за еден од клучните настани во историјата на албанскиот народ, ден кога албанското писмо преку унифицирање и стандардизирање на азбуката стана рамноправен дел од модерното-формираните европски писма и дел од разноличното светското културно наследство, истакна премиерот Зоран Заев на свечената академија по повод 22-ри ноември – Денот на албанската азбука. 

„ Сведоштво за важноста на „Конгресот во Битола“ – “Kongresi i Manastirit”, освен големиот број на делегати и албански интелектуалци, се и експонатите во поставката на Музејот на албанската азбука во Битола, каде се наоѓа одлуката за единствено, стандардизирано албанско писмо. Поставката се состои од 56 фотографии и повеќе од 230 дигитални и хартиени документи, меѓу кои и првиот пишуван запис на албанскиот јазик од Пал Енџели од 1462 година.

Оваа година се навршуваат и 50 години од објавувањето на читанките за настава на унифицираниот, стандарден албански јазик. Јазикот и писмото, како најсилни основи на националниот идентитет преку кои се чува и се афирмира духовното наследство, претставуваат и потенцијал за општествена интеграција, образование и развој на една заедница која не може да опстојува изолирана и самодоволна.

Во таа насока наша должност и одговорност не е само  да ги почитуваме, чуваме и негуваме етничките, националните, верските и културните разлики на секоја заедница, туку да го искористиме тој потенцијал за да се воспостави  комуникација, разбирање, толеранција и заедништво.

Одбележувањето на културните традиции, датуми и духовни наследства на другиот, придонесува кон градење на едно и единствено општество, за сите,  со проевропска и просперитетна иднина.

Тоа е посебноста и суштината на нашето заедништво. Нека ни е честит Денот на албанската азбука“ порача Заев.

извор: Makfax

Најчитани вести