Loading..

Министерката за правда во интервју за „Макфакс“ рече дека со идејата за проверката во правосудството нема да биде опфатено само испитување имот на судии и обвинители, туку и евентуално влијание од разни центри на моќ. Бегствата на обвинетите биле еден од мотивите за предлагањето на процесот на проверка.

„За да може да си објасниме зошто некои случаи се водат како што се водат, мора да видиме дали има влијание зад тие случаи, дали влијаат политичари, сегашни, поранешни, дали влијаат адвокатска фела, дали влијае криминално подземје, лоби-групи, бизнис-центри на моќ“, рече Дескоска.

„Се случуваат нелогични работи од правен аспект. Јас не сакам да коментирам судски и обвинителски одлуки, но јавноста веќе на големо почна да зборува за определени предмети и да го поставува прашањето што е причината и зошто на тој начин се однесуваат судии и обвинители. Ако тие прашања не си ги постават Судскиот совет и Советот на јавните обвинители, тогаш ние немаме друга опција, освен да ги искористиме можностите, и тогаш сметам дека треба да се направи еден процес во кој ќе се испита имотната состојба на судиите, но ќе се испитаат и евентуални влијанија во носењето судски одлуки, а тоа важи и за јавните обвинители“, рече министерката.

Дескоска посочи дека е важно проверката да биде направена кредибилно: „Тоа да биде процес во кој ќе веруваат сите. Тука треба да присуствуваат и претставници на европски институции, да имаме не само мониторинг туку и активно учество на лица од европски институции, покрај антикорупционери и луѓе што го разбираат судството…“

На прашањето зошто не отиде во Судскиот совет за да присуствува на седницата и да им го пренесе на членовите незадоволството на јавноста за одредени постапувања во судовите, Дескоска рече дека ја почитува препораката на ГРЕКО, кое утврдило преголемо влијание на министерот за правда, а постапката за измена на Уставот, со која би се извадил министерот од член на Советот, е долга и е Пандорина кутија. „Министрите за правда не присуствуваат на седниците на Судскот совет не сакајќи да дадеме повод за тоа да биде протолкувано како влијание“, рече министерката.

Министерката рече дека Уставниот суд не е надлежен да ја оценува казнената политика во поглед на иницијативата за оценка на членот од Кривичниот законик за злоупотреба на службената положба и овластувањето при постапките за тендери.

„Ако ја анализирате праксата во минатото, ќе видите дека Уставниот суд има донесено судски одлуки во кои се вели дека не може да одмеруваат казнена политика, туку ценат уставност. Уставот никаде не кажува дали некој ќе биде казнет 3,5 или 7 години. Казнената политика ја остава на законодавецот, на Собранието. Лично не гледам основа за одлучување за висина на казна“, рече Дескоска.

Во поглед на барањата на граѓаните за постапувањето на извршителите, министерката за правда рече дека ги разгледала претставките од граѓаните и дека може да се размислува за дополнителни законски измени.

„Имаше предмет што сега го има доставено човек за побарување за кредит што го зел пред 9 години од Македонска банка. Таа банка сега не пости. Се чувал предметот девет години во фиока, сега одеднаш бараат да си плати, му ги бараат каматите и долгот станал голем поради тие камати. Тука реално треба да се размисли за отпис на каматите и долговите, но кога отпишувате долг и камата на приватно лице, мора да најдете средства да го надоместите од државниот буџет“, рече Дескоска.

 

извор: Makfax

Најчитани вести