Loading..

Епидемија по дефиниција значи необично често појавување на некоја појава во една популација. По правило секогаш се работи за заразна појава. Точно 2 години и 5 месеци кај нас во Република Македонија се шири епидемија која за жал прерасна во ендемија. Ендемија инаку е вообичаена зараза во одредена област.

Ајде сега да видиме зошто и од каде потекнуваат епидемијата и ендемијата во Македонија.

Главниот извор на оваа епидемија и ендемија на незаслужена слобода е непочитуваниот премиер за потсмев, но ризичен за својата околина и државата, Зоран Заев и неговите партиски пајташи одговорни за предизборни коалиции и пазарења. Дијагнозата е поставена, терминот е “Libertas scelus” или во превод – слобода за криминалот и криминалците.

Осврнувајќи се на темелна анализа на дијагнозата, не можам, а да не посочам дека изворот од каде потекнува оваа зараза на незаслужена слобода е Зоран Заев на кој му е дијагностицирана години наназад. Да не ве потсетувам почитувана јавност дека и самиот Заев беше заразен со незаслужената слобода во 2008та година кога беше аболиран за криминал вреден од 8 милиони евра, потоа уште еднаш ослободен од обвинение и прогласен за невин за оној случај каде што бара 200.000 евра мито од бизнисмени како градоначалник. Само таков човек кој прв бил заразен од оваа болест на незаслужена слобода може да пренесе ваква зараза на 1000 други лица.

Расцветувајќи го како пупка правосудството најпрвин по доаѓањето на власт преку разни непринципиелни пазари и коалиции, Заев се стави на чело на комисијата за реформи во правосудството и оттука почна да ја шири заразата и епидемијата на незаслужена слобода кон оние кои се иста крвна група како него, К+, односно криминално позитивни.

Да започнеме со ред и да видиме кои се тие. Овој пат оваа колумна е подолга, но верувајте и списокот е долг.

Најпрвин на 17 ноември 2017 се случи убиството на младиот Јанушев и убиецот избега уште истиот момент без да му се чуе ни трага ни глас. Нормално, без да би му помогнал некој од МВР, а тука е Оливер Спасовски не би можел да избега. Поминаа цели 2 години кога самиот тој одлучи да се пријави за отслужување казна затвор и да се врати во државата, но да забележиме, по своја волја сам се одвезе до затворот бидејќи најверојатно се договорил со Спасовски. Првиот убиец кој се зарази од епидемијата која му ја пренесе Заев.

Пред да дојде на власт, Заев секој ден говореше дека тој ќе ја исправи работата во случајот Монструм каде што свирепо беа убиени мои врсници и еден повозрасен човек кај Смилковско езеро. Веднаш штом дојде на власт, на 1 декември 2017, ги ослободи од притвор четворицата монструозни убијци и ги пушти на слобода. Тука беа четворица заразени од епидемијата која им ја пренесе лично аболираниот криминалец Заев, а семејствата на жртвите продолжија да ја бараат правдата изневерени од системот и Заев кој ги лажеше дека ќе им ја обзнанел вистината. Причината на заразата е предизборно ветување кон албанскиот електорат и дел од подземјето.

Подготвувајќи терен за неуспешниот референдум, на 15 јануари 2018 година Заев со оваа епидемија на незаслужена слобода лично зарази 800 криминалци кои ги пушти на слобода и ги стави под своја команда. Оваа амнестија значеше значително покачување на стапката на криминалот и сите до еден беа во директен дослух и координација со Оливер Спасовски, а голем дел од нив беа документирани и со фотографии од медиумите. Значи плус 800 заразени од епидемијата на Заев.

Надоврзувајќи се на подготовките за референдумот кој не му успеа, на 18 април 2018 Заев лично со Оливер Спасовски зарази нов турнус на осудени лица, односно ги пушти да дивеат по улиците, овој пат малку посериозна поддршка во неговата работа, осудените од случајот “Детонатор” кои едвај имаа отслужено и половина казни. Подоцна овие лица дивееја и малтретираа недолжни граѓани и работеа за Заев и СДСМ за време на изборите. Се шетаа со оружје наоколу како истокот од државта да е див запад.

Е оттука па натака веќе не е епидемија, туку премина во ендемија. Невообичаеното стана вообичаено и пракса за секој докажан криминалец. Наместо во затвор, местото им стана на слобода или во бегство.

Во низата следеа Бајруш Сејдиу заразен исто лично од Зоран Заев ослободен на 12 август 2018 пред референдумот кој не успеа. Следеше убиството на Наим Ајети на Рузвелтова на 28 септември 2018, нормално убијците им побегнаа на МВР и Спасовски. Потоа на 27 мај 2019 следеше бегството на арачиновецот Али Фуркан кој е убиецот на младиот Пино Секондо, кој за волја на вистината и МВР призна дека откако бил избеган, влегол во Македонија 10 дена, па пак избегал. Најверојатно да се спакува како секој човек што оди на одмор. На 25 јули 2019 Заев заедно со градоначалничката на Арачиново зарази уште две нови лица со епидемијата, ги ослободи Наим и Рамиз Асани кои беа осудени на доживотен затвор за убиство на три малолетни лица на Серава во интернет кафе. Нормално, веднаш потоа до Заев стигна благодарност од општинската организација на СДСМ во Арачиново, од градоначалничката и двајцата ослободени. Помалку смешен настан, а сепак трагичен беше бегството на осуденик од сендвичара на 14 минатиот месец, дента кога сам се пријави во затвор убиецот на Јанушев.

Пресвртот на случајот за убиството Мартин Нешковски се случи на 29 октомври минатиот месец кога неговиот убиец магично се зарази од епидемијата на Заев, најверојатно во моментот кога се ракуваа и гушкаа во затвор, ситуација за која сведочат фотографиите и од 29 минатиот месец му се губи секаква трага и оди на лечење од заразата во Холандија.

Во меѓувреме по неколку месеци во притвор, гледајќи го сето ова Катица Јанева, откако од притвор излезе и второосомничениот во случајот “Рекет”, свесна дека единствен излез од затвор е ако се зарази и самата од Заев, вчера, последна во низата како резултат на неколкумесечно пренесување на заразата, конечно успеа да и ја пренесе. Исплашен да не влезе повторно во затвор ако “пропее” Катица Јанева, вчера маскирана како џедаи ја однесе во топлиот дом на нејзиниот син Лазар Јанев, кој за волја на вистината е исто така со кривична пријава на глава и дел од целиот случај на рекетирање заедно со својата мајка. Дали ќе влијае или не врз него неговата мајка додека е во домашен притвор, веќе и не е важно, но нека ценат експертите и јавноста.

Дојдовме до самиот крај. Да сумираме: над 1000 заразени од аболираниот криминалец Зоран Заев од заразата на незаслужена слобода, која од епидемија прерасна во ендемија. Морам да потенцирам за да нема забуни, во погорниот текст набројани се само оние кои што се осудени и осомничени со цврсти докази на криминал, а не се набројани лица кои биле предмет на притисоци, прогон, уцени и закани од Заев, Спасовски и власта.

Па така, наместо датум за преговори, Заев на граѓаните им даде на слобода 1000 криминалци за тешки кривични дела. Наместо правда и слобода за чесните и праведните, Заев слобода им даде на неправедните и виновните. Наместо живот за сите, Заев овозможи само живот за криминалците. Да нотираме само дека Оливер Спасовски, директниот виновник со Заев за сите овие над 1000 заразени ќе биде и технички премиер во периодот кој следи.

Нема толку голема јакна, ниту прекривка, што ќе го покрие срамот на овие нелуѓе кои им плукнаа во очи на правниците и граѓаните. Ќе дојде ден кога правото и правдината ќе ги проголтаат неправдите нанесени од Заев и СДСМ и како бумеранг ќе им се врати на нивни грб товарот на неправдата која ја нанесоа кон сите и најверојатно нема да можат да го издржат сето тоа. Русковска и целото партизирано, сервилно и послушно судство на Заев ќе дојде ден кога ќе мораат да му погледнат во очи на судот на правдата, а граѓаните ќе бидат најдобрите поротници. Да започнеме со првото рочиште кое следи на 12 април за конечна детоксикација на ова заразено обвинителство и судство, каде што граѓаните ќе бидат поротници и ќе гласаат во име на правдата, а ќе продолжиме понатака сите заедно, се до конечна детоксификација и дезинфекција на ова обвинителство и судство водено од Русковска, Кацарска, Зоран Заев, Оливер Спасовски и останатите.

Нè чека тешка битка, ама ќе победиме.

Димче Арсовски за Плусинфо.мк

Најчитани вести