Loading..

Претседателот Стево Пендаровски ги додели стипендиите „Борис Трајковски“, за академската година 2019/2020-та година, за постдипломски студии за извршни позиции, ЕМБА, на Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд, Сити Колеџ од Солун, Грција. Стипендиите традиционално, 15 години наназад, ги добиваат 20-те најдобри кандидати, односно како што рече Пендаровски, професионалци со завидно искуство.

„Стипендиите кои денес ги доделуваме имаат повеќе од образовно значење. Тие го носат името на покојниот претседател Борис Трајковски. Имав чест да бидам дел од неговиот тим и лично да се уверам во неговата големина пред се како човек и да сведочам на неговите квалитети на вистински државник и политичар со визија. Затоа овие стипендии посебно ги обврзуваат нивните носители да ги почитуваат и актуелизираат вредностите кои тој ги промовираше и живееше. Благодарение на Борис Трајковски во нашето општество се трасираше пат на соработка, пријателство, почитување, скромност и одговорност. Без разлика пред какви лични или колективни предизвици да се наоѓаме, да не скршнеме од патот по кој достоинствено чекореше претседателот Трајковски“, истакна во своето обраќање претседателот Пендаровски.

Воведувањето на стипендиите, подвлече Пендаровски, своевремено било прв чекор во зацврстувањето на нашата соработка со Грција.

„Сега, кога по преспанскиот договор имаме изменета слика во нашите политички односи очекувам ваквата соработка и воопшто соработката во образованието, културата, економијата да добиваат на интензитет“, заклучи претседателот Пендаровски.

Честитајќи им на добитниците, претседателот Пендаровски изрази уверување дека стипендистите ќе ја оправдаат довербата и дека ќе продолжат да се развиваат и професионално да напредуваат во својата матична земја. Надеж дека стипендистите, применувајќи ги новите знаења и вештини, ќе придонесат за развој на различни сфери во општеството, изрази и министерот за образование и наука, Арбер Адеми.

„Нам ни требаат кадри како вас. Млади, перспективни, со желба и интерес за континуирана надградба за личните капацитети, вештини и способности и најважно со волја својот интелект да го вложат во сопствената земја и да се заложат да и помогнат да продолжи да оди напред. Да помогнат да продолжиме да одиме по патот кој е веќе трасиран, а добар дел и веќе изоден затоа што сме цврсто сплотени речиси сите општествени чинители, но потребни се уште напори за достигнување на крајната цел. Говорам за членството во ЕУ и НАТО, каде токму со индивидуи како вас во што поголем број, ќе покажеме колку вредиме и колку можеме да придонесеме кон одржување на суштината на постоењето на овие глобални семејства“, рече меѓу другото министерот Адеми.

Посакувајќи им добредојде во Сити Колеџот, директорот Јоанис Верверидис, истакна дека стипендистите се професионалци со одлични биографии и натпросечен капацитет.

„Ова програма е дизајнирана исклучиво за менаџери и други професионалци и истата ќе биде реализирана од ценети меѓународни професори и експерти. Целта на програмата е да ги подобри вашите лидерски и вештините за управување и да стекнете знаење и познавања за тековните состојби во полето на бизнисот. Преку програмата ќе имате можност да ја комбинирате теоријата со практиката и можноста да учите, да се сретнете и да се поврзувате со своите врсници од 25 други земји“, истакна од своја страна, Јоанис Верверидис, директор на Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд, Сити Колеџ од Солун, Грција.

Доделувањето на стипендиите е резултат на соработката помеѓу Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, Министерството за образование и наука и Сити Колеџ од Солун. Досега стипендии имаат добиено повеќе од 200 граѓани и тие придонесуваат во општествено – економскиот напредок на државата.

извор: Makfax

Најчитани вести