Loading..

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска ги посети граничниот премин Јажинце и Секторот за внатрешни работи Тетово, а оствари и работна средба со градоначалникот на општина Брвеница, Енвер Пајазити, како и со нејзините жители.

Како што информираат од ресорното министерство, при посетата на Полициската станица за гранични работи Јажинце и во СВР Тетово, министерот Спасовски бил запаознат со актуелните состојби, за обемот и квалитетот на работа, но и за постигнувањата и очекуваните резултати.

„Министерот беше информиран дека ГП Јажинце месечно го минуваат меѓу 5.000 до 7.000 домашни и странски патници, а годинава таа бројка, заклучно со октомври, изнесува вкупно 577.856 лица кои го минале овој граничен премин, што говори за релативно зголемен проток на луѓе и стоки надвор и во нашата држава“, се истакнува во соопштението за посетата.

На Спасовски му биле презентирани и состојбите во разни области од криминалитетот.

„Процентот на откривање на кривичните дела изнесува 71 во однос на вкупниот број евидентирани кривични дела, за период од почетокот на годинава, заклучно со крајот на месец октомври, што претставува респектабилна бројка, споредбено со истиот период лани. Од вкупно евидентираните 1.564 кривични дела, за 1.070 сторители се поднесени соодветни пријави“, истакнале на средбата одговорните лица.

Министерот, пак, ги нагласил напорите што актуелното раководство ги прави во сферата на подобрување на материјално-техничките и социјални услови за работа на полицајците.

извор: Makfax

Најчитани вести