Loading..

Владите на ЕУ дадоа зелено светло за 13 нови одбранбени проекти насочени кон развој на поголема воена моќ независна од САД.

Според плановите договорени од министрите за одбрана на ЕУ во Брисел, ќе се започне со работа на нов патролен брод, електронски систем за попречување на новластени летови и технологија за следење балистички ракети, пренесува агенцијата „Ројтерс“.

Преговорите за проектите траеја неколку месеци, но францускиот претседател Емануел Макрон минатата недела ја истакна неговата желба за подлабока соработка на ЕУ во сферата на одбраната, кога посочи дека НАТО Алијансата предводена од САД е пред замирање.

Околу 47 заеднички проекти за одбрана на ЕУ се во фаза на развој, откако Франција, Германија и 23 влади на ЕУ кон крајот на 2017 година потпишаа пакт за финансирање, развој и распоредување вооружени сили, по одлуката на Велика Британија да го напушти блокот.

Секое ново оружје на копно, море или во воздух, како и во сајбер-просторот може да му се стави на располагање на НАТО, но преиспитувањето на важноста на Алијансата од страна на американскиот претседател, Доналд Трамп, додаде стимул во напорите за формирање на европска одбрана.

Макрон изрази сомнеж за безбедносниот максимум на НАТО, чија стратегија е дека напад врз еден сојузник е напад на сите.

извор: Makfax

Најчитани вести