Loading..

Со буџетот за 2020 година се инвестираат највисоки средства досега за човечки капитал, односно: здравство, образование и социјална заштита, нагласи министерката за финансии, Нина Ангеловска, на презентацијата на Предлог-буџетот за следната година и рече дека вкупно 154 милијарди денари ќе се инвестираат во здравството, образованието и социјалната заштита, што е 64% од вкупните расходи или зголемување за околу 10 милијарди во однос на годинава.

Ангеловска истакна дека согласно индексот за човечки капитал на Светска банка, нашата земја има резултат од 0,53%, односно помалку во однос на земјите во регионот.

„Индексот на човечки капитал покажува дека секој млад човек, кој се раѓа, живее и се едуцира во нашата земја, има услови за да испорача само 53% од својот потенцијал, односно од целосниот потенцијал што го има млад човек кој се развива во здрава средина со квалитетно образование и услови за живот“, објасни министерката.

Таа порача дека токму затао буџетот за 2020 година е насочен кон луѓето и кон подобрување на условите во кои што тие ќе можат да исполнат што повеќе од својот потенцијал.

„Човечкиот капитал во болниците, лекарите и здравствените работници, мора да бидат мотивирани за да работат и да не размислуваат за заминување во странство. Нам ни треба високостручниот кадар во секоја болница. Размислуваме постојано за подобрување на условите во болниците и за изградба на нови. Одвоивме 1,5 милијарди денари за капитални инвестиции во здравството“, нагласи Ангеловска додавајќи дека 1,4 милијарди денари се предвидени и за капитални инвестиции во образованието, а занчителни финансиски средства ќе се насочат и за системот за социјална заштита.

извор: Makfax

Најчитани вести