Loading..

Во вчерашното гостување во емисијата Топ тема на ТелмаТВ Вицепремиерот Кочо Анѓушев ја шокираше јавноста со изјавата дека се повлекува од политиката.

Анѓушев најави негово повлекување по закажаните предвремени парламентарни избори, без оглед на нивниот исход.

Кочо Анѓушев најави повлекување од политиката

Анѓушев во гостувањето открива дека ваквата одлука ја донел поради тоа што профитот во своите компании рапидно паднал откако тој стана вицепремиер. Анѓушев истакна дека сака да се посвети на своите бизниси. 

Како што изјави тој една од причините е тоа што неговите „најчесни намери да и помогне на државата не биле секогаш најдобро прифатени од граѓаните“.

– Кога прифатив да бидам дел од Владата моите намери беа најчесни, со знаењето што го имав стекнато, да и помогнам на државата. Но, за овој период приходите во моите компании опаднаа, а и профитите, некаде и до 50 отсто. Тоа е и заради моето отсуство. Ќе си го доработам мандатот, но бидејќи не сум член на ниедна партија, нема да продолжам со политиката, рече Аншушев.

Инаку проф. д-р Кочо Анѓушев е избран за Заменик претседател на Владата задолжен за економски прашања на 1 јуни 2017.

Роден е на 20.06.1969 година во Велес, каде завршува основно и средно образование. Во 1992 година дипломира на Машинскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, пред предвидениот рок, како првенец во генерација, со просек 9,36, по што останува да работи како асистент на истиот факултет.

Во 1995 година магистрира на Институтот за механика. Од 1996 година тој е научен истражувач на Машинскиот факултет во Ахен, Сојузна Република Германија, каде ја подготвува докторската дисертација со наслов „Влијанието на вибрациите кај лостовите и бреговите механизми врз нивните кинематички функции“.

Во 1998 година докторира на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во областа на механика и динамика на машини. По докторирањето, избран е за доцент, а потоа и за редовен професор на Машинскиот факултет во Скопје.

Во 1999 година своето работно искуство како професор го проширува во Лавборо, Англија каде е гостин професор на тамошниот Машински факултет од областа на динамика на машини.

Од 2000 до 2002 година, проф. д-р Анѓушев ја извршува функцијата помошен генерален директор за производство и управување во Електростопанство на Македонија (ЕСМ), каде е одговорен за организирање на домашното производство на електрична енергија, инвестициското одржување на електраните и рудниците и спроведување на проекти за нивна модернизација и рехабилитација.

Во 2003 година ја основа и станува главен извршен директор на групацијата Феро Инвест ДОО, вo чиј состав се фирми кои доминатно се занимаваат со инженерство, индустрија и енергетика.

Од 2004 до 2017 година проф. д-р Анѓушев е активен член, а потоа и  потпретседател на Стопанската Комора на Македонија. Во периодот од 2013 до 2017 година ја извршува функцијата претседател на Македонската енергетска асоцијација, при Стопанската комора на Македонија.

Автор е на повеќе од 100 научни труда објавени на меѓународни и домашни научни симпозиуми и списанија. Под негово водство се реализирани повеќе од 50 проекти во индустријата од областа на машинството и енергетиката. Учесник е на повеќе трибини во организација на ЕБРД и ИФЦ.

Најчитани вести