Вакцинацијата против вирусот на грип требаше да стартува на 5 ноември, но, наместо навремено отпочнување и реализација на истата, сведоци сме на веќе добро познатиот филм во кој што главна улога имаат предводниците на владата и министерот Филипче, обвини Синиша Стојаноски, претседател на Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој прашува што се крие во позадината на актуелната ситуација. „Дали повторно станува збор за наместени, потенцијално сомнителни или криминални тендери? На што се должи доцнењето на овој конкретен тендер за набавување на вакцини? Дали можеби во позадина се заговарало која фирма да го добие тендерот? Прашуваме дали тоа можеби била главната причина што редовната вакцинација годинава доцни“, рече Стојаноски.

Според него, години наназад, вакцинацијата против грип во земјава започнува околу 20октомври, а единствено минатата година стартувала на 5 ноември, исто така, како што рече, поради одолговлекување и ненавремено спроведување на тендерските постапки.

Стојаноски прашува дали е вистина дека во државава не се стигнати ниту комерцијалните вакцини што ги набавуваат центрите за јавно здравје, ниту пак 28.000 бесплатни дози за кои е задолжено министерството за здравство?

„Министре, па Вие самиот информиравте дека тендерот за бесплатни вакцини е завршен и дека сега следува период на жалби. Но, не кажавте точен датум кога ќе стартува вакцинирањето. Барате алиби во препораките на Светската здравствена организација за нашата земја и другите земји од регионот за покасно да почнела имунизацијата? Па, таа веќе стартуваше во нашето соседство, во Република Србија и Република Хрватска“, кажа Стојаноски.

извор: Makfax

Најчитани вести