Е, Франција, Франција! На кое дереџе спадна. Како само ти се удри од глава она твое „не“ кажано за нас блескавите. Не само што ти се удри, туку срам белосветски си доби. На јавна сцена.

Како можеше така ниско да паднеш? Знам дека сакаше да го скриеш срамот, ама сè си излезе на виделина. Објавија сите медиуми. Петнаесет милијарди евра вреден економски договор со Кина потпишавте. Со Кина еј! Со Евроазиска унија. Истата таа Евроазиска унија што нè молеше да ѝ се приклучиме. Ама ние шипак им покажавме. Сакаа да се соединат со нашата блескавост. Со нас еееј, заради кои Европската Унија мора да се реформира. И сега, кога немаат веќе каде, со вас Французите фатија да потпишуваат договори. Оти и вие немате каде. Никој веќе не ве игра. Никој со вас не сака да се дружи. Така е кога ќе му кажеш „не“ на блескавиот „Северџанистан“. Со нас нема заебанција. Кога се конфронтираш со нас, ослепуваш од нашето блескање. Затоа сега како некои слепци, талкајте си низ мракот со Кинезите. И правете си смешни автопати.

Петнаесет милијарди евра! Тоа пари ли се? Ха, ха, џуџињата Кина и Франција склопиле договор. Баш да ви ги видам сега тоа француските автопати. Леле, леле, кога ќе почне да ви се криви трасата. Леле, леле, кога ќе почнат да тераат криви правци. И оние што веќе ви се изградени, ќе ви се испокриват. Знаеме ние како оди тоа. Уште кога беше режим и диктатура кај нас. Кога слободоумни луѓенца беа стрелани по улици, а трасите на патиштата сами од себе се кривеа. Сега тоа и Французите ќе си го добијат. Ако им е.
Добро, има и такви што велат дека кај нас никаква траса не била погрешена. Дека тоа било чиста пропаганда. Поточно, тешка лага. Но тоа се само злобници. Не може диктатура што коалицира со Кинези да погоди траса. И да ја погодиле трасата, криво ја погодиле. Затоа блескавите што донесоа живот ја изведоа кривата траса на прав пат.

Како што Дрина се исправа. Е, ама тоа не му се допадна на злобниот француски претседател Емануел Макрон. Тоа што „Северџанистан“ блеска, а ваму тој мора да прави договори за некакви смешни 15 милијарди евра со кутрине Кинези. Кои за разлика од нас, едвај врзуваат крај со крај. И тоа, нормално, криво го врзуваат.
Затоа Макрон смисли гаден план. Излезе и јавно кажа дека НАТО е клинички мртов. Само затоа што ние треба наскоро да се зачлениме таму. И тоа како најсилна и најблескава членка. Ех, таа злоба Франција. Ама не остана само на тоа. Кажа уште дека Европската Унија е во ужасна состојба. За тоа сами си се виновни. Поточно Макрон е виновен. Јас ли го терав да ни каже „не“? И сега ужасна состојба. Е па, ужасна состојба. Да ни дадоа датум друга ќе беше приказната. Сега и ЕУ ќе блескаше како нас.

Ќе им го откриевме волшебниот рецепт. Како платите да им рипнат трикратно. Како да не можат да кренат глава од странски инвестиции. Сè што требаше да направиме е една обична размена. Тие нам датум, ние ним „каде е син ми Костадин“. И решен проблем. Ние го голтаме датумот како еликсир и веднаш стануваме побогати од Норвешка. Сеедно што Норвешка не е во ЕУ. Од друга страна, тие го земаат „каде е син ми Костадин“ и го истопоруваат на прес. Има да видат како веднаш економија им се засилува, плати растат, а од странски инвестиции не стигаат француско вино со француски бакнеж да измешаат. Ама, ете, Макрон одлучи да ја уништи блескавата иднина на ЕУ и сега нека сади тикви со Кинези.

Во меѓувреме, го добив транскриптот од разговорот меѓу наш Зоќи и американскиот Мајќи, кој се одзива на презимето Помпео. Свиркачи ми го фрлија во двор тој транскрипт. Сеедно што немам двор. Ќе пренесам како се одвивал тој разговор.
Пазете се од руски ботови и кинески инвестиции – вели Мајќи.

Ние на Руси и Кинези мрсул не фрламе – вели наш Зоќи.
Не разбирам. Каков сега мрсул?
Баклавата изедена, ама тепсијата стоо.
Молам?

Ние мрсул не фрламе, ама Кинезите на Французите, мистер Помпео, џклап петнаесет милијарди евра.
И вие, мистер Зоќи, џглап петнаесет милијарди евра.
Од кого?
Од нас.
А кога тоа?
Дури си рекол датум за почеток на преговори.
Датум за почеток на преговори.
Не мислев буквално.
Е разбирам де. Баклавата изедена, ама тепсијата стоо.
Како???

Понатаму разговорот запаѓа во тешка и комплексна езотерија околу баклавата и тепсијата. Што и не е баш некој разговор за саботна колумна. И онака нема да разберете. Тоа можат да го сконтаат само мистици што имаат брод, па фрлаат сидро за да запловат напред. А и онака сме при крај за денеска. Затоа најдобро да завршам со нешто крајно поедноставно.

Во протекторатот што нема друга алтернатива, освен ЕУ и НАТО конечно дојде вистинска есен. Со дожд, златножолти лисја, жени скриени под чадори, со сè. И што да прави човек со една сосема нормална есен кога умот нема друга алтернатива, а во џебот не носи датум за почеток на преговори? Некои велат најдобро е да фати прав пат за обнова на Македонија. Други сметаат дека поради недобивањето француски бакнеж, најпаметно е човек да се фати за руска вотка. Трети инаетливо се држат до тезата дека сонцето изгрева на запад, само ние погрешно сме ги именувале страните на светот. Можеби третиве се во право. Можеби навистина не ни оди со страните на светот. Затоа и станавме северна земја, од Западен Балкан, на југ од Европа, источно од здравиот разум. Сепак има и такви што тврдат дека сето гореспоменато треба да се батали како будалаштина и да се прави нешто многу покорисно. Како зјапање низ прозорец. Јас го избирам тоа.

Признај дека не знаеш како да ја завршиш колумната.
Ете, повторно тој мрачен глас. Секако дека знам како да ја завршам колумната. Јас сум веќе на крајот од колумната. Што би рекле езотериците, баклавата изедена, ама тепсијата стоо.

(Nova Makedonija)

Најчитани вести