Министерот за економија, Крешник Бектеши, заедно со амбасадорот на Република Словенија, Милан Јазбец вчера во Струмица се обрати на панел дискусијата на тема „Македонската бизнис-заедница како партнер на НАТО“ во рамки на НАТО-карванот низ неколку града во државата. Тој истакна дека Северна Македонија е на чекор пред членство во НАТО, а влезот во Алијансата е важно не само од политички и безбедносен аспект, туку и од економски аспект.

„Најголемиот број од македонските компании се подготвени за членството на земјата во НАТО и ние како држава во континуитет преземаме мерки за да им го олесниме работењето, а со тоа да можат да бидат конкурентни и со компании од поразвиени држави, имајќи предвид дека најразвиените земји членуваат во НАТО. Убеден сум дека преку мерките кои ги презема Владата, а кои се создадени заедно со стопанските комори и бизнис заедницата, македонските компании ќе бидат конкурентни на странските пазари“, истакна министерот Бектеши.

Амбасадорот Јазбец  го пренесе искуството на неговата земја.

„Членството во НАТО значи зголемена сигурност, стабилност и од таа страна значи едно голема атрактивност за странски инвестиции. Со членството во НАТО земјата влегува во еден список на земји во која е исплатливи да се инвестира. Тоа дава претпознатливост на земјите. Тоа дава една можност на компаниите да конкурираат за работа на НАТО тендерите, кои претходно неможеле, но тоа значи дека компаниите треба да се многу добро подготвени и да понудат квалитет и ефикасност. По правило и од искуство на државите кои влегоа во НАТО во 2004 година од 10 до 30 проценти се зголемени странските инвестиции“, кажа тој.

На панел дискусијата присуствуваше и градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, како и претставници на бизнис заедницата од Струмица. Настанот е во организација на Инфоцентарот за евроатлантски интеграции.

извор: Makfax

Најчитани вести