Не очекував дека Заев и компанија ќе ги фати ваква нервоза и паника каква гледаме последниве десетина дена, практично од денот кога мораа да се согласат на вонредни избори. Да, СДСМ мора да излезе на вонредни избори затоа што дипломатите тоа го бараат од власта на Заев која е до гуша заглавена во корупција.

Што би рекол францускиот амбасадор Тимоние: погледнете се себеси, по што мислите дека сте подобри од другите во регионот?

Владата во Македонија сега и формално не функционира. Сите министри, градоначалници и директори на јавни претпријатија од СДСМ се фрлени во кампања. Ако навредите, плукањата и лажните ветувања се кампања. Се меле и рециклира стариот вокабулар, дека Груевски е лошиот а Заев е добриот, иако Груевски на избори го нема. Заев сам си бира виртуелен противник за избори, веројатно свесен дека против Даскалот Мицкоски му се мали шансите.

Дојде време друже Зоки да бара Мицкоски јавно да се оградел од Груевски, инаку нема да дојде на власт, небаре власта ќе му ја даде Заев лично.

Заев лесно се откажа од Илинден, потоа и од Асном но, од Бранко - не. Ние, еве пет години, го чекаме Заев да се огради од Црвенковски, од неговиоте скандали со ТАТ, манипулации со прислушкувања, црната транзиција која остави без работа 200.000 луѓе, од наместените избори од Црвенковски за кои има и двајца осудени од Прилеп... Да се огради од Црвенковски кој директно повикуваше да не се излегува на мобилизација и Македонија да ја загуби војната со УЧК во 2001-та, а со тоа и унитарнота. Црвенковски кој го донесе ФИРОМ и сам го смени државното знаме, одржа најголем анти НАТО митинг во Европа и никогаш не отвори истрага за атентатот врз Киро Глигоров. Да се огради од амнестијата за криминал од 8 милиони евра која му ја подари токму на Заев, за смена на 600 судии во еден ден, да се огради и од Бучковски кој е осуден за воено профитерство...

Но, Заев не се оградува од нив. Само ја продолжува традицијата на СДСМ.

Ајде да видиме кој филм сега продаваат Заев и Шекеринска.

За две ипол години во оваа држава се смени се, и сега се функционира како што треба, изјави Шекеринска. И така е, сега имаме тендери, рекети и непотизам. Веројатно Шекеринска ја смислила умотворинава кога со Катица Јанева биле на вечера кај Боки 13, додека Сергеј го фарбал. Женски муабет, ништо сериозно.

Посериозно е што се соочуваат со штрајкови на лекарите, на земјоделците а наскоро и на образованието. Тоа не се теми за разговор на Катица и Рада кај Боки 13, таму се разговара за местени прогони и за кеш. Да не одиме подалеку, знаеме доволно за профитите кои преку Рада се вртат преку една туристичка агенција. А знаеме и за нејзината моќ и одмаздољубивост, па детали ќе објавиме друг пат.   

Заев вели: правната држава конечно почнала да функционира! Зарем некој кој е два пати амнестиран, и на кого му е во тек истрага во која негови високи функционери, дури и потпретседателката на собрание Ременска, е осомничена дека терала рекет со Боки 13 може со таква леснотија да каже дека сега нема криминал, и дека правната држава функционирала! Таа правна држава во која премиер јавно нарачува истраги и пресуди, што вон закони ги гони сите негови политички противници, а од истрагата за рекет го амнестира целиот партиски врв.

Па сами на Гугл да побарате, од прва ќе најдете повеќе од 50 изјави од Заев како ја штити Катица Јанева или во кои бара пресуди за точно определени лица, он обвинува и он суди. Забеганоста отиде до таму што себе лично се стави на чело на совет за реформи во судството од каде мораше да замине дури откако од Европската унија го опоменаа, ценејќи дека и со тоа спроведува лична диктатура.

Минатава недела имав средба со луѓе од европска амбасада и дознавам дека Заев и понатаму врши притисоци врз судиите и нарачува судења и пресуди. Судија од Апелација дошол во амбасадата да се пожали дека во три наврати од него се бара да укине две пресуди, една за утврдена вина а друга ослободителна, патем и трпи закани со смена и медиумски прогон ако не соработува. Случајот е нотиран, ставен во извештаите на амбасадата, и пратен во ЕУ.

Притисоците врз Основиот суд се на дневна база. Секој адвокат, судија и обвинител знае дека постои човек на висока функција во Министерството за правда кој е задолжен за ова. Знае дека ДУИ има свои лични судии и во Основен и во Апелација кои судат како од нив ќе бара Ахмети, и дека тие се најголем влог на ДУИ за секаква коалиција. И градоначалникот на Сарај лично го потврди тоа. Секоја услуга во судството по барање на Заев ДУИ потоа ја наплаќа со тендери.

Истрагата околу Рекет и неколку јавни изјави на државниот јавен обвинител Јовевски во кои се дрзнува дури и да критикува судии и пресуди се доволни за негова смена. Но, смена нема затоа што одработува за СДСМ а Заев контролира се, а особено обвинителството и судовите. Ниту имаме држава, ниту таа е правна.

Сега, кога СЈО се распадна, обвинители и стручни соработници нашироко зборуваат за се што се случувало таму: за јавувања и нарачки за истраги, за барања кому да се укине истрага, за личните фрустрации на Шекеринска кон некои луѓе на кои им се одмаздувала преку нарачки во СЈО, за бизнис интересите на Фамилијата Заеви.

Да, власта под Груевски беше мрачен период за Заев и Шекеринска. Под таа власт ја гледавме Рада со јахти во Грција, џипови со кои доаѓа во собрание, ташни од по 3.000 евра... Семејството на Шекеринска со пет стана, четири од нив изнајмуваа сами на себе па беа под истрага за даночно затајување од 320.000 евра, беа амнестирани од Ѓорѓе Иванов и судење за ова даночно затајување – немаше.

Фамилијата Заеви под власта на Груевски, според завршни сметки на нивните фирми, имале приходи од над 200 милиони евра! Сега Заев тврди дека тој и опозицијата биле прогонувани и најприслушкувани од УБК, иако нема никаков доказ за тоа, туку има судски изјави дека прислушкувале двајца функционери од УБК по нарачка на Верушевски и Црвенковски а, потоа, тие телефонски разговори се селектирани и му се предадени на Заев за понатамошна постапка.

Има уште снимки на Јутјуб, од Заев лично, во кои го тврди спротивното: дека најприслушувани се луѓе од ВМРО или блиски до нив. Сами себе се прислушкувале. Лично, службено во СЈО ми е соопштено дека јас сум меѓу двајцата најприслушкувани со 62.000 разговори за 10 години. Заев рекол, Заев одрекол.

Тој на прес изјави дека никогаш не кажал дека од ЕУ му дале писмени гаранции, ако станеме Северна, ќе добиеме датум за влез во ЕУ. Уште истата вечер му ги пуштија видео снимките со токму таква изјава. Како што има и снимки дека Заев и СДСМ даваат писмени гаранции кај претседателот Иванов дека уставот на Македонија нема да се менува според грчките барања. Пак Заев рекол, Заев одрекол. Тераат и се надеваат дека јавноста сето тоа ќе го заборави.

Затоа, никој нормален не му верува на Заев кога зборува за економија, за правна држава. Токму заради корупцијата, злоупотребата на СЈО, рекетите и општиот криминал, контролата над обвинителствата и судството кои со години ги применуваат тој и Еди Рама во Албанија, во Европската унија се подготвува нов модел: нема да има датум за преговори, ниту нови членства за Македонија и Албанија најмалку за наредните шест години.

Европската унија сега размислува да даде друг статус за Македонија и Албанија по принципот, држете се подалеку од нас. Ново е дека ќе добиеме можност за членство само во Европската економска зона, шанса само за фирмите, пред се затоа што не ни веруваат ни збор кога се во прашање правната држава, слобода на медиумите, независност на полицијата или судството кои теми, патем, се и први услови за преговорите за вистинско членство во ЕУ.

Заев го знае ова и затоа дрчно изјавува – не сме заинтересирани за ништо освен за полноправно членство во ЕУ. Он не бил заинтересиран, еј. Ги заболе уво во Брисел за Заев кој е на заминување, и со куп предмети кои чекаат истраги за него и неговите соработници откако ќе ја загуби власта и контролата над судовите.

После се: никогаш повеќе истраги и политички пресуди немало во Македонија како сега. Платите се најмали во целиот регион, помали и од оние во Косово, штрајкови се редат, нема странски инвестиции, а само Заев, Анѓушев, Шекеринска, Бујар Османи, Шилегов, Кирацоски, Ременска... се многу побогати од порано.

А датумот и ЕУ? Сето тоа било само лажна тема за да не мислиме на другите работи што живот значат. Заев самиот рече: па што ако не сме добиле датум од ЕУ, јас пак ќе бидам власт во Македонија. И, после се, ќе му ја дадете ли власта на тој човек.

Ако некој ме излаже еднаш, треба да се срами тој. Ако ме излаже втор пат, треба да се срамам сам од себе.

(28.10.2019)

Најчитани вести