Собранието на Република Македонија повеќе од еден месец не постапува по предлогот на претседателот Ѓорге Иванов за нов член на Судскиот совет, кој согласно законските прописи и рокови, бил доставен до Собранието уште во декември минатата година, соопшти кабинетот на претседателот неодамна.

Од кабинетот на претседателот не открија за кого се работи, но според информациите на „Сведок“, станува збор за Бујар Сабриу, предлог кој не им се допаднал на ДУИ, по што го блокирале изборот на член на Судскиот совет.

На крајот на декември му заврши мандатот на Беким Реџепи, па поради неговата активност во огранокот во Сарај, во ДУИ се надевале дека младиот и непознат правник пак ќе биде предлог на Иванов, но тој се одлучил за Сабриу, кој беше член на Советот и во периодот 2007-2013 година, по што отворил адвокатска канцеларија во Тетово, пишува порталот.

Иако Бујар Сабриу, како предлог бил навреме испратен до Собранието, собранискиот спикер не ја ставил точката на дневен ред. Според собраниските извори, Сабриу бил поблизок до ДПА отколку до ДУИ, па поради тоа инсистирале да не се гласа за него, да се распишат изборите, а по доаѓањето на нов претседтел во јуни да биде доставен нов предлог за член на Судскиот совет, кој ќе има мандат од 6 години.

По завршување на мандат во Судски совет и отворање на адвокатската канцеларија, Бујар Сабриу минатата година бил нападнат со нож од одредена странка во неговата канцеларија и повреден во раката. Успеал да избега во тетовскиот суд, а напаѓачот набрзо беше уапсен.

0

Најчитани вести