Во одлична здравствена кондиција и во кругот на најблиските од семејството, дедо Цане Гелевски од селото Бурилчево во општина Чешиново-Облешево го прослави стотиот роденден.

Иако во локалната самоуправа немаат официјална евиденција, сепак стогодишниот Гелевски се смета за најстар жител во општината и меѓу најстарите во кочанскиот регион.

– Цел живот се занимавав со сточарство, имав стадо од неколку стотини овци, па дружењето со животните и секојдневниот престој во природа ми беше едно од најголемите задоволства. На лекар не сум бил веќе 40 години и освен потешкотиите со слухот и видот поради годините, за проблеми со здравјето не можам да се пожалам. Иако неколку децении сум без сопругата, сепак задоволен сум што децата и внуците не ме оставаат сам и постојано се грижат за мене, па добив и роденденска торта со подароци, истакна славеникот Гелевски.

Во сеќавањата за минатото стогодишниот старец се потсети на воениот и поствоениот период и скромниот овчарски живот, благодарен што животната судбина му овозможила да има добар брак од кој се родиле три сина. Во моментот живее со еден од нив, а досега има седум внуци и уште седум правнуци.

Дувајќи во свеќата од роденденската торта, дедо Цане од Бурилчево рече дека најголема желба му е луѓето околу себе да ги гледа радосни и среќни, исполнети со верба, љубов и душевен мир, без грижи за материјалната добивка.

0
loading...

Најчитани вести