Штетата од невремето во Прилеп во јули проценета на три милиони евра

Повеќе од три милиони евра е штетата од невремето што го зафати прилепскиот регион на 23 јули годинава.

„Денеска Советот на Општина Прилеп го усвои заклучокот од Комисијата за процена на штетите од невремето кое го зафати подрачјето на општината, а кој ќе биде испратен до второстепената комисија при Владата на Република Македонија. Очекуваме во најбрз временски рок Владата да донесе одлука за сумата и опфатот со кој ќе се изврши обештетување на земјоделците“, изјави Миле Талевски, претседател на советот на Општина Прилепги.

Првиот човек на Комисијата за процена штети од елементарни непогоди, Жарко Северкоски, ги соопшти податоците за вкупната штета настаната од невремето, како и за бројот на поднесени барања од страна на земјоделците од регионот.

„Вкупната површина на земјоделско земјиште зафатено со невремето изнесува 10.571.762 метри квадратни, а висината на штетата изнесува 186.609.144 денари. Најголеми оштетувања има на тутунот, или над 60 отсто од површините погодени од невремето. Поднесени се 1.315 барања за надомест на штета, од кои на 1.263 барања е направена поединечна процена. Одбиени се 40 барања како некомплетни, 7 не се разгледани бидејќи се поднесени од ДООЕЛ-и, а 5 барања се препратени во други општини, каде што припаѓаат катастарските парцели“, истакна Северкоски.

Тој напомена дека збирниот извештај од процената на штетите ќе биде испратен до второстепената владина комисија. После добивањето на одговорот од Владата, Советот на Општина Прилеп ќе донесе одлука за сумата со која ќе бидат обештетени земјоделците.

Инаку, ова е прв случај кога една општина одделува буџетски средства за надомест на штета настаната на земјоделски производи, иако на тоа не е законски обврзана.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари