Шекеринска–Апатурај: НАТО силно ја поддржува Македонија во процесот на пристапување во Алијансата

Министерката за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска денеска имаше работна средба со заменикот-помошник генерален секретар на НАТО за политички прашања и безбедносна политика, Џејмс Апатурај, која се реализира во рамките на процесот за пристапни разговори на Македонија во Алијансата.

На средбата, Шекеринска ја истакнала целосната посветеност, храброст и решителност, на Владата во последната година во работата на трите, како што посочи значајни прашања – Договорот со Бугарија, Договорот за прашањето за името со Грција и меѓуетничките односи во земјава. Во однос на членството во НАТО, Шекеринска истакна дека тимовите во министерството се подготвени да ги започнат пристапните разговори и дека тој процес се движи според планираната динамика.

„Пристапните разговори кои се еден од последните чекори пред полноправно членство во НАТО ќе ни помогнат да останеме фокусирани, да работиме напорно и да ги избереме вистинските приоритети. Со изработката на Стратегискиот одбранбен преглед, како клучен документ, ги почнавме дискусиите за реформите во одбраната и подготвени сме да ги реализираме“, рече министерката.

Заменикот – помошник генерален секретар на НАТО, Апатурај честитајќи за лидерството на Македонија во регионот, истакнал дека земјата направи голем пресврт за краток период и дека добрососедската политика на Македонија е впечатлива и за соседите, кои дадоа силна поддршка за полноправното членство на земјата во Алијансата.

Апатурај се согласи дека е исклучително важно како ќе се троши буџетот за одбраната и понуди помош и поддршка од страна на НАТО. Тој изрази благодарност за континуираниот придонес на Македонија во мировната мисија на НАТО во Авганистан, кој е признаен и од сите сојузници.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари