Американците забрзано се подготвуваат за огромни бранови, силни ветрови и поплави

Додека силниот ураган „Флоренс“ се приближува кон источниот брег на САД, во делови од три сојузни држави е наредена евакуација на населението, милиони Американци се подготвуваат за можеби еднен од најопасните урагани во регионот во последниве децении.

Безбедноста на американскиот народ е наш апсолутен приоритет, изјави вчера претседателот на САД, Доналд Трамп. Тој истакна дека федералната влада е подготвена да реагира, објави агенцијата АП. Трамп, исто така, прогласи вонредни состојби во Северна и Јужна Каролина и во Вирџинија, а откажа и некои настани.

Во меѓувреме, телевизискиот канал Си-ен-ен наведе четири причини зошто „Флоренс“ се смета за крајно опасна временска непогода.

Првата е дека овој ураган постигнува неверојатна сила, а се предвидува дека „Флоренс“ може да стане уште посилен како што се приближува кон Северна и Јужна Каролина.

Како втора причина телевизијата ги наведува т.н смртоносни „водени ѕидови“ односно големите бранови кои настануваат поради моќните удари на ветрот, а кои може да нанесат огромни материјални штети.

Исто така Си-ен-ен предупредува дека налетот на ураганот може да предизвика големи поплави во градовите во внатрешноста. Ова посебно се однесува на Северна и Јужна Каролина, бидејќи поради претходните обилни дождови земјата е заситена и не може да апсорбира премногу вода.

Последниот проблем кој го наведува Си-ен-ен во врска со ураганот „Флоренс“ е дека истиот ќе удри во области во кои луѓето претходно не биле соочени со временски непогоди од овие размери и немаат многу искуство како да се носат со нив. Според предвидувањата, „Флоренс“ ќе зафати и северни делови од источниот брег кој досега не биле погодени од ураган од четврта категорија.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари