Општина Центар: ВМРО-ДПМНЕ со лаги и манипулации сака да ја деградира работата на градоначалникот Богдановиќ

ВМРО-ДПМНЕ продолжува со изнесувањето лаги и манипулации со цел да ја деградира работата на општина Центар и на градоначалникот Саша Богдановиќ, се вели во реакцијата на Општина Центар на прес-конференција на советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Васко Робовалиев.

,,Како што изјави на прес-конференција градоначалникот Богдановиќ, на улицата Капиштец, која е во должина од 400 метри, за првпат поставена е нова атмосферска канализација. Поставени се рабници во должина од 280 метри, реконструиран е коловозот со вкупна површина од 2600 метри квадратни и каблите од сите оператори се поставени под земја.

Наместо непродуктивни и некапитални вложувања во милионски споменици и фонтани, ова општинско раководство, предводено од градоначалникот Саша Богдановиќ, редовно и навремено вложува во подобрување на уличната инфраструктура, со што се подобрува квалитетот на животот на граѓаните”, тврдат од општина Центар.

Како што се наведува во соопштението, досега, со летната акција за реконструкција на улиците на територија на општина Центар, завршени се ,,Бигла“, ,,Питу Гули“, како и улицата 171 во населбата Крњево, а во наредниот период ќе се реконструираат и ,,Димитар Пандилов“, ,,Ганчо Хаџипанзов“ и ,,Караорман“, а за првпат по 40 години се реконструира улицата ,,Ѓуро Ѓоновиќ“ во населбата Маџир Маало.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари