Град Скопје соработува со еден од доајените во проектирање на јавни простори

Претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, присуствуваше на промоција на книгата „Градови за луѓе“ од професорот Јан Гел, која, како што велат од Градот, е една од најмаркантните светски дела од областа на урбанизмот.

„Имајќи го предвид придонесот на професор Јан Гел како доајен на проектирањето на јавни простори кој се бави со градовите и кој со своето нескромно знаење и искуство ќе даде позитивен придонес за хумано живеење во градот Скопје, градоначалникот Шилегов и професор Гел потпишаа Писмо на намери за соработка од областа на урбанизмот и просторното планирање. Оваа соработка ја воспоставуваме со цел унапредување на урбаното живеење во Скопје по примерот на светските метрополи од аспект на хуманото живеење, активната вклученост во креирањето и реализацијата на проектите од значење за граѓаните“, истакна Јанчева.

Во таа насока ќе бидат реализирани активности по примерот на други градови, за формирање стручни тимови кои по принципите на „градови за луѓе” ќе работат на студија за Градот Скопје од аспект на хуманото живеење. На тој начин ќе се овозможи поквалитетно оформување и користење на јавните простори во Скопје.

„На денешната работилница ‘Скопје-град за луѓе’ предвидено е да бидат разгледани актуелните прашања поврзани со урбанизмот и просторното планирање, како и да се презентираат можните решенија поврзани со состојбите со велосипедистите, пешаците, малите паркови и зелените површини во градот, квалитетот на воздухот и квалитетот на животот на нашите сограѓани“, нагласи Јанчева.

Таа, додаде и дека Скопје во својата историја има искуство со експерти од областа на архитектурата и по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, градот повторно е изграден според проектите на светски познатите Кензо Танге и Адолф Циборовски.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари