Јавна дебата за изградбата на гасоводот на Водно

Во салата на Советот на Град Скопје денеска во 13 часот ќе се одржи јавна дебата во врска со изградбата на гасоводот на Водно. Како што велат од Градот Скопје, дебатата има за цел да помогне во расветлувањето на многубројните дилеми и прашања за овој проект што се појавија во јавноста и кои предизвикаа загриженост кај граѓаните и кај здруженијата за заштита на средината.

На оваа јавна расправа се поканети сите институции кои се на кој било начин поврзани со изведбата на трасата на гасоводот: Министерството за животна средина и просторно планирање, Агенцијата за просторно планирање, Државните инспекторати за градежништво и урбанизам и за животна средина, јавните претпријатија „Македонски шуми“ и „Паркови и зеленило“, Шумарскиот факултет, Општина Сопиште, Стопанската комора на Македонија, Сојузот на стопански комори на Македонија и Стопанската комора на Северозападна Македонија.

Денешната дебата е отворена за јавноста и ќе се пренесува во живо, за да може да ја проследат сите заинтересирани граѓани. Намерата на Град Скопје, велат од таму, е на транспарентен начин да се слушнат аргументите на сите засегнати страни, на претставниците на институциите вклучени во изградбата на гасоводот, како и на претставниците на иницијативата „Го сакам Водно“.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари