Шилегов: Бесплатен превоз за средношколците и нови фасади на училиштата со пари од проектот „Скопје 2014“

Во новата учебна година новина ќе биде бесплатниот превоз за сите ученици во средните училишта на Градот Скопје, независно од оддалеченоста на местото на живеење од училиштето во кое учат, најави градоначалникот Петре Шилегов, при посетата на средното училиште „Орце Николов“ каде што е во тек реконструкцијата на фасадата.

„Досега бесплатен превоз користеле околу 20.000 ученици кои живеат на повеќе од 2,5 километри оддалеченост од училиштето во кое учат. Од оваа учебна година бесплатен превоз ќе имаат можност да користат дополнителни над 2.000 ученици односно сите ученици во средните училишта на Град Скопје без исклучок“, нагласи Шилегов.

Средствата за бесплатниот превоз на ученици се обезбедени директно од Буџетот на Град Скопје, како дел од Програмата за активности на градот за средното образование.

Покрај тоа, градоначалникот додаде дека во тек се реконструкции на фасадите на повеќе средни училишта на територијата на градот.

„Зградите на 23. градски средни училишта спаѓаат во редот на најголемите објекти во градот, а поставувањето енергетски ефикасни фасади во сите нив подразбира огромни заштеди на енергија и значително помали трошоци. Висината на вкупните средства за оваа намена изнесува речиси 60 милиони денари за 19 училишта, кои ќе добијат енергетско ефикасни фасади, санирани покриви, надворешна столарија, подови, електрика и греење. Дел од училиштата започнуваат и со адаптација на тоалети за лицата со посебни потреби. Овие средства ги обезбедивме со пренамена на средствата предвидени за проектот ‘Скопје 2014’“ рече Шилегов.

Во однос на реконструкцијата на фасадата на средното училиште „Орце Николов“, градоначалникот напомена дека се реализирала во консултација со проектантот и Асоцијацијата на архитекти на Македонија, при што се водело сметка фасадата да не трпи визуелни промени, заради задржување на постојниот надворешен изглед на училиштето.

Во гимназијата „Орце Николов“ се работело на промена на внатрешната и надворешната столарија, реконструкција на подовите, партерно уредување, поставување на бекатон на паркингот на училиштето и поставување на нови 5 рефлектори за надворешното осветлување.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари